Фестивалот за современа музика МОДОАРС 2019 го најавува второто издание на концертниот проект „Акустик електроникс“.
На 27-ми февруари, 2019 во клубот Станица 26, со почеток во 22 часот, ќе се одржи концерт на Ема Попивода – пијано, Оливер Јосифовски – контрабас и Александар Петров – тапан со композиции на теми од познати електронски хитови.
Acoustic electronics е оригинален музички перформанс во кој најпознатите електронски хитови се обработени и се изведуваат на пијано со придружба контрабас и моќниот звук на тапанот. Во ова второ издание на концертниот проект, публиката ќе може да слушне обработки на одбрани електронски песни од различен временски период, кои се подредени во еден вид историјат на електронската музика. Концертното пијано Yamaha ќе пристигне на сцената во клубот Станица 26 на кое ќе прозвучат теми од електронската музика на акустични инструменти. Инспирирани од современата музика, во стилот на класичните композитори, на акустични инструменти, во сосема нова возбудлива атмосфера се појавуваат песни на Orbital, Kraftwerk, New Order, Bronski beat, Frankie Knuckles, David Morales, Moby, Layo & Bushwaka, Future sound of London, DЈ Rolando, David Morales, Fatima Yamaha…
Концертот е поддржан од општина Центар и град Скопје.
Фото: Јована Зука