За снегот и културата на живеење

Додека светот оди напред, ние сеуште не можеме да се вратиме на нивото и на некои стандарди кои ги имавме до 1991 година. Културата на живеење е една од нив.

Снегот кој паѓа изминатите неколку дена јасно ни покажува колку сме неспособни, мрзливи, злонамерни, неодговорни… но, да одиме едно по едно.

Општините и Градската власт во Скопје, а Македонија пат по автопатите и патиштата низ државата,се одговорни за чистење на снегот. Исто така, правните субјекти, институциите, но и сопствениците на станови и куќа во објектите со колективно и индивидуално домување, исто така сносат одговорност.

И додека првите пробуваат да направат маркетинг за лошо завршената работа, која патем им е и обврска и за што земаат плата, на вторава категорија и чуе!

Кога бев мал, а паѓаше снег, веднаш ќе излезеа од влезот два тројца мажи и ќе ги исчистеа скалите, и некои десетина квадрати околу влезот и секако пристапната патека. На училиште ќе губевме еден или два часа, и во тимови ги чистевме патеките во целиот двор на училиштето. Луѓето грижливо ги чистеа тротоарите пред своите дуќани, пред општината, министерствата, културните установи… а доколку паѓаше снег интензивно, и два пати дневно и неколку дена.

Секоја година е полошо! Сите се нешто незадоволни, а никој со прст не мрда. Сите очекуваат некој друг да ја сработи нивната работа. Најтрагично што и тие кои се платени за тоа, и тие се незадоволни. А доколку сработат нешто, брзаат да се пофалат како да е врвно достигнување. Извинете, ама смешно е.

Македонија пат се пофали дека фрлиле сол. Искрено, не ми е гајле дали фрлаат сол, шеќер, брашно или прашак за перење, јас сакам чист коловоз и безбедност, и слободни сите ленти. Веднаш и нон стоп! И без изговори. Пари се даваат преку регистрација, се плаќаат патарини, се крати од бензин, е па има да се сработи. И тука мора ред и поредок, веднаш.

Културата на живеење одамна ни е на нула. Во секој поглед.

Град без култура на живеење е само збир на флуктуирачка маса, која се храни, троши, пие и спие, загадува и прави бучава. Маса на раја без суштина. Затоа и многумина за нас велат дека не сме држава, туку територија.

Почнете од себе! Исчистете го снегот пред вашиот дом, пред вашето работно место, од вашиот автомобил, а потоа потберете ги градските, општинските и државните власти, ако не си ја завршиле целосно работата. По тој редослед. Само така ќе станеме функционално општество.

Голем поздрав и до неандерталците кои возат одма до тротоар, со неприлагодена брзина на патот, и ги прскаат пешаците на малите и оскудни тротоарчиња. Колку е поголем автомобилот и помоќен, имам впечаток дека поголемо им е задоволството некого да ги испрскаат. Алал нека ви e!Бедотијата во вашите души и сеирот што некој непознат сте го избербатиле со кал и снег, докажува за недовршениот еволутивен развој на ликови во урбаните средини кои се материјално обезбедени.

За крај, според анализата на Индекс на демократија за 2018 година, Македонија е рангирана на 78 место во светот во категоријата „Хибридни режими“. Ни го потрефиле називот, баш ни одговара!

Нека ни е со среќа.

Александар Ристевски

You May Also Like