Никола Ристевски: Зарѓавените пранги и борбата за слобода

Дали човечката цивилизација стигна до точка каде што веќе станува неопходно соочување на двата поларитети – оние коишто владеат, и оние врз коишто се владее? Недовербата меѓу овие два табора, иако првиот е далеку помал од вториот, е сѐ поголема, а сомнежите стануваат сѐ почести. Како капак на зовриената манџа, заблудата го достигна својот зенит и околу првите се собираат сè повеќе од оние кои ги избираат, па така еден дел од народот, настроен опортунистички и манипулативно, по примерот од нивните идоли, се обидува да си игра со мислите, чувствата, трпението на останатиот дел.

„Човекот се раѓа слободен, а насекаде е во окови.“
(Жан Жак Русо)

Народот е државата, и оние коишто се стремат да го водат, треба да се плашат од него, а тој народ повеќе не смее да си дозволи да живее во безбедносен, егзистенцијален и духовен страв. Политичките партии и религиозните водачи веќе немаат време за да дозволат нови делби и несогласувања, туку сите заедно треба да се обидат (веројатно ова што следи ќе им биде последна шанса на сите, без разлика на ешалонот во кој што служат) да докажат дека сите сме еднакви, и имаме исти шанси во она што тие го формираат како општество.

Затоа што, сѐ што се прави во темнина е разоткриено од светлината, и каде што има јавно, таму има и тајно, а каде има чад, со мало ветре се разгорува голем оган. Кога ги слушаме обраќањата на лидерите со различни епитети, нема како а да не се помисли дека тоа што го говорат, всушност, претставува порака од точно определени ентитети.

Егрегорното влијание коешто секој разумен човек може да го увиди при набљудување на говорот на телото, гестикулациите и гримасите на лицата, потврдува дека позади секое вакво обраќање постои слика која што пошироката јавност не умее да ја види. И покрај честите појави на јасен увид дека ниту ние сме еднакви, ниту пак, првите се еднакви меѓу еднаквите, заговорот е навлезен толку длабоко што допира до самото секојдневие на живите Македонци. Цинизам, реализам или изопачена манипулација? Со векови постои оваа дебата, иако народот обичен како што е, обично не сака да верува дека кон него се однесуваат како кон стадо, аморфна маса, чии мисли како форма се обликуваат според планот на владетелите од сенка. Креирањето на јавно мислење, односите со истата таа јавност заедно со информирањето е уметност којашто во борбата за популарност меѓу широките народни маси сѐ повеќе наликува на бојно поле.

Таму битките се безмилосни, a жртвите ги дава народот, затоа што оние кои што го водат всушност се први меѓу нееднаквите. Овде се појавува прашањето – Дали е подобро да си последен во рајот или прв во пеколот? Означувањето, обележувањето и дефинирањето на оние коишто јавно говорат за тоа што навистина го мислат и сѐ уште се надеваат дека човечкиот род може да увиди дека само преку самоспознание и трпеливост може да дочека посветла иднина, егрегорите го прават на безмилосен начин, сурово, како што се навикнати да се однесуваат на бојното поле каде што секојдневно водат битки за умот, душата и телото на секој од нас. Заговорници, теории на конспирација и неподобни за учество во тој животински поредок, се само дел од начинот на кои што ентитетите се обидуваат да ги дискредитираат современите кибер панкери, јуродиви на новото време кои древното познание го спојуваат со новата технологија,а нивните пораки одекнуваат толку гласно, што веќе е јасно од каде доаѓа игнорирањето на истите.

Општествената пирамида на управување секогаш ќе биде без својот врв, доколку не служи само и само на мирот и достоинството на оние без кои може и да се распадне – луѓето од маргините, од пошироките народни маси, обичните смртници. И на било каков начин да се реформираат нејзините слоеви, без потпора од оние коишто секојдневно се жртва на недостигот на вистинскиот врв, пирамидата останува купишта камења. Дури и нивното обликување станува безначајно кога на купот на којшто се наредени, нема врв којшто е светлина за сите наоколу.

Зошто први меѓу нееднаквите и од каде толкава недоверба кон овие современи авторитети? Оние коишто го водат народот на политичко, религиозно и монетарно ниво, со децении, ако не и векови, упорно покажуваат и веќе станува напорно докажаното – дека мислат и делуваат прво во корист на себе, а потоа во корист на оние на кои навистина треба да им служат – обичните луѓе. Освен нивните големи планови за нашата иднина, многу често можеме да слушнеме што наводно тие направиле за доброто на сите нас, или пак, за неуспесите на нивната конкуренција. Но, она што ретко може да се слушне, е што тие – владетелите, мислат за својот народ. За оние коишто треба да ги водат кон посветла иднина, за оние коишто ги избрале, за оние на коишто треба да им служат – широките народни маси.

Секогаш кога ја бараат нашата поддршка ни говорат како ние, обичните луѓе сме најдобри, како нашето мислење е важно, како она што народот ке го одлучи тоа тие ќе го направат. Но, случувањата докажаа дека тоа и не е баш така, и сѐ уште е нејасно како тие кои владеат или се обидуваат да стигнат до тронот наречен власт, навистина го гледаат народот и дали го чувствуваат како свој? Затоа што, погледнато со очите на обичниот човек кој врзува и крпи ден за ден, веќе станува јасно дека зад лажната светлина во сликата што се пласира во етерот, постои мрачна позадина со дебели и мрсни окултни карактеристики, која не е достапна за очите на она што во гласилата на модерните владетели се дефинира како народ.

м-р Никола Ристевски
Извадок од книгата „Имагинариум“

You May Also Like