Културата повторно извиси

Поминаа скоро три месеци од предупредувачкиот протест на вработените во областа на културата.  Протестот на кој за прв пат после бог знае колку време се обединија не едно место културните работници. Слободно можам да речам дека на истиот излегоа 80 отсто од сите вработени во установите во Скопје и не мал број на оние од внатрешноста. Не постоеше институција во државата од која немаше барем неколкумина на улица.

Истиот протест даде до значење дека работниците во културните установи се обединети и дека се спремни за се за да се дојде до средување на се што значи воведување на стандарди, но и правилно на вреднување на трудот.

Протестот истиот ден се покажа за успешен. Синдикалниот лидер за време на самиот протест беше поканет на 24 октомври на средба во Владата на која ќе се договараат подробностите. Се случи затишје до почетокот на декември кога беше очигледно дека договор ќе нема. Од Влада оцениле дека барањата се претерани и мегаломански, а Синдикатот се закани со нови протести. На прашањата дели ќе има протест, беше речено дека немало време да се најави истиот, и дека доколку има ќе има по Нова година.

Мене лично би беше чудно да се најави протест по нова година, знаејќи дека буџетот се носи сега, плус по Нова година државата добива техничка Влада, а потоа влегува во изборен процес.  Се смени планот, се најави еднодневен институционален штрајк, кој заврши со некаков договор  со одложено дејство.

Имено, како тоа некој се договара да договор се постигне сега и истиот се потпише, а дејството му започне од јули следната година? Министерот е од Алтернатива, Премиерот е од СДСМ, престојат парламентарни избори, дали и едниот и другиот се убеден и дека повторно ќе бидат во Владата за да можат да ветат дека нешто ќе остварат? Ако планираат да остварат, зошто тоа не го направат сега? Коментарот бил дека истото ќе се реши со ребаланс.

За лаиците, при правење на ребаланс на буџет, кратите од некои други трошоци или инвестиции, и пренаменувате средства. Тоа значи дека за да се случи ова ветување, нема да се доврши некој објект, нема да се изгради некој пат, или некои проекти можеби токму во културата нема да се реализираат, на штета на овој донесен преку ноќ договор.

Уште по загрижувачки за мене е тоа што повторно се гледало селективно, слично како што се направи во здравството и во образованието. И таму си збркаа работа докторите и наставниците, но како да ги заборавија во целост сета она машинерија на луѓе кои сервисно работат зад нив, во техничките и стручните служби. Токму затоа нив им се случува дополнителен штрајк (вчера штрајкуваа стручните служби со здравството, се надевам следат и оние во образование).

Со порамнувањето на платите во културата пред 6-7 месеци се реши еден голем проблем. Најниско платениот кадар, хигиеничарите, обезбедувањето и слични категории се подобрија по две основи, покачување на плати и институционално порамнување. Тоа беа луѓе кои работеа за минималец со години, па со овој чекор кај некои се случи покачување и до, па и над 50 %. Да се живи и здрави, заслужиле.

Со овој се дефинираат примањата на стручните лица вршители на дејноста, но се испуштаат да се дополнат и подобрат оние останатите, едукатори, водичи, ликовни соработници итн. Се испушта можноста да платите или растот на истите, се поврзе за раст на стандардот или раст на буџет. Имено, државата секоја година се повеќе троши, растот на цените е се поголем, а вработениот во културата врз база на стаж има покачување годишно од само 0.5%, што во превод би му дошло, нешто над 100 денари. И доколку сте вие во некоја институција едукатор, водич, графички дизајнер и слично, немате некаква кариера, градација и можност за напредок, туку ви останува да чекате 100тина денари следната година или нов колективен договор за 10-15 години, без можност за награда, бенефиции или кариерен раст. Дали се предвидени средства за дневници и патни налози, за осигурување и мал милион други ситници кои се исклучително битни?

Сега за да се биде законски кај добар дел од работните места, не само што нема да има раст, туку постоечките коефинициенти ќе бидат намалени за да се ускладат со растот на минималната плата, без да има напредок севкупен кај сите засегнати страни. Плус, не е дефинирано како се доаѓа и под кој критериуми до кариерен раст до повисоко звање (таму каде што го има) и повторно е сведено на одлука на Министерот за финансии,а не по дифолт на исполнети услови и кариерен раст. Испаѓа дека кариерата на еден актер, балетан, музеолог, дизајнер зависи од тоа дали Министерот за финансии ќе потпише. Што може како и досега да не го прави со години.

Сметам дека на крајот ода излезе еден голем циркуз. Тие кои ветуваа решение изминатите години добија власт, а во три години владеење, не испорачаа, туку само купуваа време. Капиталните проекти се запреа, единствено што се правеше беше обидот да се вработат што е можно повеќе луѓе, без водење на грижа за реалните потреби. Не се инвестира во кадрите, нема селекција, раст, прочистување, квалитативно прераспределување, повторно се е терање на политика, наместо квалитативна реорганизација.

Она што државата требаше и можеше да го среди во текот на годината, во 5 до 12 смисли начин да го префрли во целост на следната Влада која и да биде. Доколку се некои други, им оставија врел костен во рацете за уште од првиот ден створат проблеми да новите, доколку останат повторно тие, како се вели: „Ќе му ја мислиме тогаш, нов мандат!“…

Според мене, ништо не е средено, власта само успеа да купи време со надеж дека ќе добие и политичка поддршка на „жими мајка“, а проблемите кои се однесуваат на работните односи, платите, кариерниот раст, начинот на финансирање, правата, обврските и многу други нешта се префрлени на некој следен да ги решава.

Александар Ристевски

Извор: Курир.мк

 

You May Also Like