Слободан Трајковски: Со велосипедизмот ја запознав Македонија

Нема поекономичен, побезбеден и побрз начин да се помине поголема километража на планина од користењето на планински велосипед. Како професор по историја и вљубеник во географијата, за мене немаше подобар начин да ја запознаам Македонија и да ја задоволам мојата потреба за истражување – вели Слободан Трајковски еден од основачите на здружението „ВелоEвропа“, член на Македонската Тур Де Франс експедиција и авантурист. Трајковски е и главниот виновник за настанот „Мариово на дланка“, што пак беше непосреден повод за разговор со него.

Што е „Мариово на дланка“ и со која цел се органзира овој настан?

– На 25 и 26 мај ВелоЕвропа го организира настанот „Мариово на дланка“. Станува збор за дводневно случување што се одржува во регионот Мариово.  Двата дена вклучуваат: кампување на отворено во саботата и возење на велосипедска тура во неделата. Целта на настанот е да се однесат луѓето подалеку од градските центри, да престојуваат што е можно подолго на отворено, да поминат време заедно и да извозат тура во непознат предел.

Зошто токму Мариово како предел?
–    Мариово прв пат го посетив во 2009 година и од тогаш таму возам секоја година. Минатата година ми дојде идеја дека би можел да организирам велосипедски настан таму за да им ги покажам убавините на Мариово на повеќе велосипедисти. Во вистинско време дојде и поддршката од Општина Прилеп и лани за прв пат го организиравме овој настан под мотото „Да се изгубиме во Мариово“. Токму тоа и се случи. Минатогодишното искуство кога се возеше во кал и кога учесниците останаа и по 11 часа во планината и на крај сите беа задоволни, ме мотивираше и оваа година да го направиме истото, на истата рута. Мотото за оваа година е „Мариово на дланка“, имајќи можност повторно да уживаме во природата што ни ја нуди најнапуштениот предел во Македонија.

Пред Мариово ја возевте Тур де Лак заедно со Андон Сикавица. Која беше тогаш рутата и задачата што си ја поставивте пред себе?
–    На 10 јули со Андон  и Надица Димовска тргнуваме на третата Македнска Тур де Франс Експедиција. Со Андон се познаваме релативно краток период, но веќе имаме поминато многу километари заедно. Целото поминато време заедно на велосипед го користиме за воигрување, стекнување на кондиција и воочување на доблестите и слабостите и зацврстување на меѓусебната доверба. Од таа причина ја организиравме и Тур де лак (Кругот на езерата) кога поминавме 600 километри за 6 дена и секоја вечер спиевме на различно езеро, се со цел да се навикнеме полесно да ги пребродуваме пречките што ќе се појават на патот и помеѓу нас.

 

Кој е Вашиот личниот предизвик да се биде дел од Тур де Франс?
–    Организирањето на експедицијата започна спонтано. Првата година, 2011, бевме четворица ентузијасти кои сакавме да возиме некаде во Европа, да искачуваме планински превои, но се погоди и да можеме да присуствуваме на неколку етапи на ТдФ. Тоа што го доживеавме таму беше магично и навистина неповторливо. Минатата година бевме повторно во Франција и на тој начин продолживме нешто што се надевам дека ќе ми стане традиција, секој јули да гледам по неколку етапи ва ТдФ, следејќи ја трката со велосипед. Да се присуствува на етапа на ТдФ е сон за секој велосипедист, но кога тоа ќе се измеша со убавината на Алпите, Прованса, Азурниот брег, тежината на планинските превои, сето тоа го прави предизвикот уште поголем, но и мотивацијата да се надмине тој предизвик.

Која е рутата на Македонската експедиција на Тур д Франс ?
–    Оваа година експедицијата ќе трае од 10 до 26 јули, ќе поминеме 1600 киломeтри, ќе се качиме на 6 големи превои на Алпите кадешто вообичаено поминува турот и ќе присуствуваме на 6 етапи. Најголем предизвик како и секоја година останува искачувањето на планинските превои коишто претставуваат споменици на светскиот велосипедизам. Претходните две години имаме искачено 15 значајни превои во Франција, Италија и Швајцарија, а оваа година продолжуваме понатаму. Воедно, нашето присуство таму ќе го искористиме и за промоција на нашата земја на стототоиздание на најголемиот спортски настан што се одржува секоја година.

Кои се Вашите почетоци со велосипедизмот?

– Со велосипедизам се бавам од 2008 година. Почетоците како и во секој спорт беа тешки, но јас имав среќа да возам со најдобрите и да добијам солиден вовед во спортот во смисла на кондиција, нутриционизам, ориентација и однесување во планина. Од тогаш секој викенд сум на различна локација низ Македонија откривајќи нови места, нови патишта и разговарајќи со различни луѓе.

Каде најчесто возите, имате ли омилен дел од Македонија?

–    Возам насекаде низ Македонија. Во последно време често го посетувам и Егејскиот дел на Македонија кадешто има големи рамнини коишто ми овозможуваат да поминувам поголема километража како дел од подготовките за Франција. Инаку мој омилен дел за возење, покрај Мариово, е и Малешевијата и потегот од Маврово до Струга.

 

Александра Јуруковска

You May Also Like