Ако нема леб, јадете колачи!

На вистина станува одвратен секој нов ден во држава во која Владата се бори секој ден за гола власт, а знае дека деновите и се одбројани.

Од авион се гледа каде оди работата. Едноставно, се потврдува дека се една неспособна клептоманска структура, која се што рече порече. Се даде власта на продавач на лубеници, за да сега го имаме „ликот од Харвард“ со смешен прекар, кој никогаш не излегол на избори. А во позадина, еден куп продавачи на магла, кои само се обидуваат да наплатат, пред да ги снема политички или за можат да си ги дозволат адвокатите кога ќе одговараат.

Дали нешто во изминатите шест години се направи што вреди? Едно нешто за што можете да станете и речете: Секоја чест! Нема! Беда и неспособност. Апсолутно секој можен закон се крши. Почнете од сообраќајни прекршоци и непрописно паркирање, преку неиздавање фискални, преку секојдневни злоупотреби во постапки за јавни набавки, конкурси, непотизам…

А како беше муабетот, на чии крилја дојдоа на власт? Нема правда, нема мир! Еве, ќе ги прашам оние неутралните, објективните, оние кои тогаш беа разочарани…за ова ли марширавте ли секој ден? За да некој ја распродаде државата, да ни инсталира апартхејд, да испоукраде се живо, да не задолжи за два животи? Сега? Сега како ќе испливаме од фекалииве?

Се запали модуларна болница. Се истумба автобус, со бројни жртви. Друг се запали, луѓето живи изгореа. Одговорност нема, а вината се префрла. Не полудеа за време на короната со маски, забрани, полициски сати, казни, изолации, вакцини…имавме рекорден број починати, а целиот систем ни колабираше. И што направија? Го дозакопаа здравството. Порано фалеа специјалисти, сега фалат и матични лекари, а снемува и медицински помошен персонал. Градежни работници веќе одамна нема. Мајстори нема. Нема дури и шофери. Не можат да најдат ниту на наставници за по училиштата. Се форсираат непотребни кадри, а дефицитарните се бедно платени. Земјоделието колабира. Место субвенциите да го развиеја истото, денес немаме производство на апсолутно ништо. Нема месо, нема млеко, нема брашно, увезуваме се и сешто од странство. Земја на трговците.

Тоа е! Донесовме трговци на власт, тргуваат! Прекупци и накупци. Плус лажговци.

Буџетот е скоро дупло од оној пред седум години. Не задолжија за уште 50 отсто од она што го должевме. Знаеше ли што изградија? Ништо! Тук таму некоја фасада или кров на некое школо или градинка, и толку. Не успеаја дури ни да ги довршат проектите на претходната власт. Купишта објекти зјаат на забот на времето како карабини. Се што се изгради ниту се чува, ниту се одржува. Битно еден куп функционери и пратеници изградија куќишта и хациенди баш во време додека на власт. Алал да им е!

Да е трагедијата поголема, власта која тврди дека се грижи за народот, и за сиромашните, направи нивото на сиромаштија да порасне до тоа ниво што муабетот дека наскоро минималната плата ќе биде дупло од онаа пред 7 години е фарса, затоа што парите изгубија вредност. Но, како за чудо и покрај сите кризи одредени дејности во периодот кога стопанството тоне, онаа власт ги натови дебело.

Секако, на чело тоа се банките. Истите почнаа да не колат без усул. Ги зголемија буквално сите ставки, па обичен човек веќе не знае за што му наплаќаат. Се доведовме во состојба народ да оди да купува лекови во Косово или други соседни држави. Доволно е да прочитате по социјалните мрежи како луѓето се само организираат, и се ќе ви е јасно.

За правосудниот систем, се ви е јасно. Довербата е на ниво на статистичка грешка. Три проценти. Лица со лица со таков бекграунд, и со начинот на кој повторно ги „појачуваат“ своите редови со нови судии и обвинители, покажува дека допрва црно ни се пишува.

Уништено е се. Се сече шума на диво, водените ресурси се на минимум, произведуваме струја најмалку до сега, а РЕК речиси воопшто не проработе со сите три блока, а парите се трошат без усул. Се доведуваме во ситуација да плаќаме струја поскапо, плус државата да интервенира, а локалните прекупци да се полнат со пари. После седум години од промената на власт, не знам дали едно домаќинство повеќе има кое се грее на парно, а зборуваме за чиста енергија, за намалување на загадување. Место тоа власта им нудеше на луѓето да купуваат инвертери/клима уреди на струја. Нема план, нема стратегија, нема ништо.

Ова со бомбите по школите и институциите станува фарса. Само покажува колку ни е ранлив системот, колку малку треба за да се загрози безбедноста на народот. Децата од почетокот на ковид кризата им се создаде една цела дупка во образованието и знаењето, а родителите нерви кинат, излегуваат од работа, отсуствуваат од работа…

Ова што е последно со пекарите и со лебот, само покажува дека конците се испуштени, дека владее „див запад“ на пазарот, а чим власта пристапува кон репресивни мерки, пекарската индустрија бојкотира.

Е па, народе мој, што би рекла кралицата Марија Антоанета: „Ако нема леб, јадете колачи!“.

Се надевам дека веќе се ви е јасно. Толку беше од лажговциве и клептоманиве.

 

Александар Ристевски

 

Извор: Курир.мк

You May Also Like