„Преместен камен“ од Никола Маџиров издадена на бугарски

Деновиве од печат излезе првото издание на бугарски јазик, на стихозбирката „Преместен камен“ од Никола Маџиров. Бугарското издание на делото е подржано од литературната мрежа Традуки, а изборот, преводот и илустрацијата на насловната страница е дело на познатиот бугарски поет и сликар, Роман Кисјов.

Кисјов во предговорот на книгата ќе напише дека Никола Маџиров е најсветлото имe од помладата генерација македонски поети. Стихозбирката „Преместен камен“ ја следат исклучително добрите критики на светски познати литературни критичари и медиуми, какви што не изостануваат и во бугарските литературни кругови.

Познатото писателско перо Георги Господинов за Маџиров пишува дека е еден од најмоќните европски гласови во современата македонска поезија.

„Не постои начин,после читањето на овие стихови да не го запаметите ова имe – Никола Маџиров, поет“, пишува Господинов.

На почетокот од месец март, најавена е промоција на делото „Преместен камен“ во Софија, а Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Софија ќе биде дел од организацијата на овој настан.

You May Also Like