Третото издание на de:sonanz – фестивалот за електронска музика и медиумска уметност ќе се одржи на неколку локации во Скопје од 30 септември до 8 октомври 2011 година.
Фестивалот кој се реализира во организација на Гете-институт Канцеларија за врски Скопје и Здружението на граѓани Домино и оваа година на македонската публика ќе ѝ ги доближи современите тенденции во електронската музика, импровизацијата и видео – уметноста преку настапите на реномирани артисти од Германија, Норвешка, Унгарија, Македонија и регионот.
Оваа година на de:sonanz ќе настапат култното и ексцентрично дуо Mouse on Mars, микрохаус-артистот и продуцент Isolée (Изолее), Roman Flügel (Роман Флигел), еден од најголемите и највлијателните техно продуценти на германската електронска музичка сцена, а Schneider TM (Шнајдер ТМ) ќе ја долови урбаната берлинска атмосфера преку неговите Construction Sounds (Звуци од градилиштата), визуелно “мапирани” од познатиот медиумски уметник и предавач Lillevan (Лилеван).
Не помалку значаен дел од фестивалот претставува едукативната програма, која овој пат ги надминува географските и возрасните граници. Работилницата Sample&Hold во својот фокус ги има таканаречените field recordings (теренски снимки). Артисти од Југоисточна Европа и од земјава под водство на германскиот артист Дирк Дреселхаус неколку дена ќе ги истражуваат звучните обележја на урбаните предели на Скопје, а пак деца од 9 до 12 години заедно со членовите на уметничкиот колектив Staalplaat Soundsystem ќе имаат можност да креираат и презентираат музички инструменти направени од стари апарати за домаќинство.
Значаен сегмент од програмата се настапите на македонските артисти Андреас Херц и Мирко Попов, а за визуелната поддршка ќе се погрижи и светски реномираната македонска видео-артистка Слаѓана Богеска која настапува под псевдонимот xx+xy visuals.