Се подготвува јубилејното петто издание на „Мобил фестивал“

Конкурсот за фестивалот е отворен во текот на целата година и може да учествува секој кој ќе испрати филм снимен со мобилен телефон.

Mobil Festival 2014 Poster

 

Петтото, јубилејно издание на Интернационалниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон Мобил Фестивал, ќе се одржи oд 27 до 29 Ноември 2014 во Скопје. Фестивалот е во организација на КТ Филм и Медиа од Битола.

Филмовите од јуниор, натпреварувачката, регионалната и интернационалната програма на Мобил Фестивал и оваа година ревијално ќе бидат прикажани и низ други градови во Македонија.

Конкурсот за фестивалот е отворен во текот на целата година и може да учествува секој кој ќе испрати филм снимен со мобилен телефон. Времетраење на филмот треба да биде до 10 минути. Пристигнатите филмови ќе бидат оценети од жири комисија и ќе се натпреваруваат за Прва награда од жирито за најдобар филм „Лале“ и Награда за најивентивен филм. Крајниот рок за пријавување за овогодинешниот фестивал е 20-ти ноември. Филмовите кои ќе пристигнат после овој датум ќе влезат во конкуренција на Мобил Фестивал 2015.

Главната награда за најдобар филм „Лале“, е посветена на Ратка Илиевска – Лале, жената што сиот свој живот го посвети на филмот и преку својата работилница „Едвуд“ едуцираше огромен број филмаџии, писатели, уметници.

Мобил фестивал е со меѓународен карактер и е единствен фестивал од ваков вид во регионот, и оваа година особен акцент ќе биде ставен на регионалната соработка. Наградените филмови на Мобил фестивал добиваат и своја промоција на најголемите светски фестивали од овој вид како International Mobil Film Festival од Сан Диего, САД, MINA (Mobile Innovation Network Aotearoa) од Нов Зеланд, Hong Kong Mobile Film Festival (HKMFF) од Хонг Конг, Seoul international Extreme-Short Image & Film Festival (SESIFF) од Јужна Кореја и многу други.

Организаторите велат: „За да снимите филм веќе не ви е потребна скапа опрема и екипа, потребен ви е само мобилен телефон со камера. Покажете му го на светот својот креативен потенцијал и учествувајте со својот филм на конкурсот.

Условите за пријавување и испраќање на филмови за учество на фестивалот се достапни на веб страната на Мобил фестивал “.

You May Also Like