Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица

Струмица оваа недела ќе живее во името на театарската уметност и фестивалот “Ристо Шишков” …

risto siskov 2014Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица почнува овој понеделник, а во петте фестивалски дена ќе се изведат десет претстави од шест земји. За единствената награда за високи актерски достигања, ќе се натпреваруваат шеесетина актери.

По традиција, наградата се состои од златен медалјон со ликот на Ристо Шишков, како и парична награда во износ од 1.500 евра, а за нејзиниот добитник ќе одлучува жири, чиј претседател е минатогодишниот лауерат Нико Горшиќ од Словенија.

Фестивалот ќе го отвори српскиот театар „Шабац“ со претставата „Ќелавата пејачка“ во режија на Никита Миливојевиќ. Во петте фестивалски дена кои следуваат, Мал драмски театар од Битола ќе ја изведе „Kорекција“ од Зоран Гаши во режија на Горшиќ, Струмичкиот театар ќе ја изведе „Вечна игра“, а Прилепскиот театар – „Буре барут“.

Исто така, во конкуренција се и „Дневникот на еден луд“ во режија на Лили Абаџиева од Бугарија, „Kамен“ на Турскиот театар, „Отело“ на Битолскиот театар, „Амок“ на Kосовскиот театар и ИТИ-центар и копродукцијата „Непријател на народот“ на Театарот на актерот и театарот „Ода“ од Приштина.

You May Also Like