Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со свечена академија

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје го одбележа патронатот со свечена академија во Ректоратот …

UKIM vo cest na sveti kiril i metodij 2Образованието е еден од суштинските приоритети на државно ниво. Успешни држави и општества се оние кои се базирани на знаење и иновативност, затоа академската заедница ја има и ќе ја има нашата безрезервна поддршка во својата работа, истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски вечерва на свечената академија по повод патронатот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје и 65 години од неговото постоење.

На професорите на УКИМ тој им го честиташе празникот посакувајќи им идни успеси и подвлече дека со личната и професионална посветеност на развојот на нивните стручни области, тие создаваат кадар подготвен да одговори на глобалните предизвици на денешницата, кој го гарантира просперитетот на државата.

– Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ останува наш вреден соработник и институција од особен национален интерес. Ова е Универзитет кој обучува висококвалитетен кадар, сега во повеќе од 200 студиски области. Ова е универзитет кој спроведува витална научна и апликативна дејност, со што прераснува во еден од клучните актери кои ги движат општествените промени и развојот на Република Македонија. Ова е универзитет кој цели 65 години останува доследен на името кое го носи, истакна министерот Ристовски на свечената академија во Македонскиот народен театар.

UKIM vo cest na sveti kiril i metodij 1

Ректорот Велимир Стојковски посочи дека УКИМ е верен на заветите на патроните Кирил и Методиј и го продолжува нивното мисионерско дело.

– Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Република Македонија вгради голем интелектуален потенцијал од повеќе од 135 илјади дипломирани студенти, магистри и доктори на науки. Во изминатите години тој активно учествуваше и во создавањето на вредносните системи во образованието, науката и културата, како најважни елементи на духовниот просперитет на нашиот народ. Успешниот пат во овие шест и пол децении не беше можен без плејадата наставно-научни работници и вработени, кои со многу работа и ентузијазам и многу желба да се направи повеќе оставија длабоки и неизбришливи траги во наставно-научната и воспитно-образовната дејност. Универзитетот и понатаму останува да ја одржува академската слобода и автономија, рече Стојковски.

Зборувајќи за Моравската мисија на браќата Кирил и Методиј во 9 век, рече дека оставиле христијанско и просветителско наследство кое има силно влијание на духовноста на сите словенски народи.

UKIM vo cest na sveti kiril i metodij 3

– Епохалното дело на светите браќа ги надмина рамките на македонската историја и даде силен печат врз развитокот на целата европска цивилизација… Не е случајно што папата Јован Павле Втори во 1980 година ги прогласи светите Кирил и Методиј за сопокровители на Европа. На истата таа Европа чии порти заради безборј бесмислени изговори и потценувачки барања за нас се уште се затворени, додаде ректорот на УКИМ.

Во музичката програма настапија хорот „Драган Шуплевски“ и Симфонискиот оркестар на Факултетот за музичка уметност, под водство на диригентот Саша Николовски-Ѓумар.

 

You May Also Like