Со проекција на документарни филмови денеска во Природонаучниот музеј на Македонија беше реализиран Унгарскиот филмски фестивал за природата.
На настанот кој се одржа во најстарата музејска институција во Република Македонија која се грижи за заштитата на природното богатство на нашата држава, се обратија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и унгарскиот амбасадор Јозеф Бенце.
Министерката за култура во своето обраќање истакна дека македонската јавност има можност да ги проследи документарните филмови во режија на познатиот режисер Тот Жолт Мерцел, кои се повеќепати наградувани на различни фестивали и манифестации.
– Филмовите ќе ни ги доловат природните убавини на Унгарија, нејзината флора и фауна, национални паркови, природните езера, и останатите ресурси. Верувам дека денешната проекција на филмовите на Мерцел ќе ја продлабочи нашата грижа и перцепција за природата, рече министерката за култура.
Амбасадорот Бенце рече дека се избрани најубавите филмови за природните богатства на неговата земја – водните ресурси, флората и фауната на Унгарија.
– Овие филмови, кои првпат се прикажуваат во Македонија, го отсликуваат биодиверзитетот и еко-системот во мојата земја и преку нив ќе се запознаете со Унгарија како едно од најзначајните места во Еврoпската унија. Земјата има десет природни резервати, некои стари и пред 40 години, истакна Бенце.
Министерката за култура подвлече дека денешниот настан е дел од случувањата со кои се одбележува и 20 годиниот јубилеј од воспоставувањето дипломатските односи меѓу Република Македонија и Унгарија. Според Канческа-Милевска реализацијата на фестивалот е потврда за континуитетот на искреното пријателство помеѓу двете држави. Таа подвлече дека македонската култура годинава во Унгарија ќе биде претставена преку повеќе проекти како, концерт на групата Синтезис, ревија на македонски филмови, која ќе ја реализираат кинотеките на двете држави како и со изложба на македонски и унгарски уметници во Музејот на современата уметност.
Во оваа пригода Канческа-Милевска информираше и за новините во Природонаучниот музеј, каде досега се реализирани повеќе проекти, а се вработени и пет стручни лица палеонтолози, арахнолог, орнитолог и ентомолог.
– Природонаучниот музеј континуирано располага со над 300 илјади вредни артефакти кои ги презентираат минералите од нашата држава, флората, фауната, инсектите итн. Како Министерство за култура ревносно се грижиме за одржување на музејот. Оваа година е вработен стручен кадар, што беше неопходно битно. Инвестиравме и во уредувањето на инсталациите за парно греење, а годишно се поддржани голем број проекти на овој музеј за унапредување на научно-истражувачката дејност, рече министерката за култура.