Бен Афлек и Розамунд Пајк во неприкосновениот трилер „Исчезната“ во кината од 2 октомври.
Ејми Дан е исчезната. Се претпоставува дека е убиена. Главниот осомничен за убиството е нејзниниот маж Ник Дан. Вака режисерот Дејвид Финчер не’ воведува во сложената приказна на филмот „Исчезната“, адаптација на светскиот истоимен бестселер кој стана глобален литературен феномен. Романот Исчезната (Gone Girl)веќе се наоѓа на топ листите на најпродавани книги во светот. Книгата, која ги прикажува бракот и медиумите низ призмата на проблематичната економија ја напиша Џилијен Флин, поранешна авторка во списанието Entertainment Weekly, која го напиша и сценариото за филмот.
Згодниот брачен пар њујоршки писатели, Ејми (Розамунд Пајк) и Ник (Бен Афлек) се приморани да се преселат во мало градче во Мисури поради финансиската криза и болеста на мајката на Ник. Од хармоничен и среќен пар кој некогаш биле, стануваат несреќни, отуѓени и осудени да живеат во едно од најздодевните места на светот. На денот на нивната петгодишнина, Ник се враќа дома и затекнува превртена маса и неред во дневната соба што укажува на знаци на борба. Сфаќа дека жена му е исчезната и ја известува полицијата. Меѓутоа, набрзо станува главен осомничен за нејзиното исчезнување, а неговите лаги, измами и чудно однесување ги наведуваат сите да си го постават истото мрачно прашање – дали тој ја убил?
Случувањата што претстојат се преполни со шокантни моменти и компликации, но прашањата што остануваат се нешто што погодува и наведува на размислување: Кој е Ник? Која е Ејми? Кои сме и какви сме кога сме во брак.
Дејвид Финчер е американски режисер кој направи некои од најценетите филмови последните две децении како што се остварувањата Седум, Игра, Боречки клуб, Зодијак, Општествена мрежа и други. Филмот Исчезната е негов десетти режисерски потфат.
Финчер објаснува што му претставувало најголем предизвик: „Давав интервју во кое ме прашаа со какви технолошки предизвици сум се соочувал, но факт е дека такви немаше. Најголем предизвик беше да се воспостави тонот кој владее во филмот: дали можеме да со соживееме со приказната? Дали ги разбираме луѓето и нивниот живот?
Во филмот главните улоги ги играат Бен Афлек и Розамунг Пај, потоа Нил Патрик Харис на сите познат од серијата Како ја запознав вашата мајка? (How I met your mother?), како и преубавата Емили Ратајковски, сјајната Миси Пајл и други.