Намален интересот на издавачите за книги за деца и млади во изминатите две децении…
Македонија во последните две децении на полето на литературата за деца и млади го губи чекорот со европските земји, беше речено на 43. Меѓународна средба на книжевните преведувачи што се одржа денеска во манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ во Лешок.
На симпозиумот учествуваа околу 40 книжевни преведувачи од земјава и странство.
– Издавачките куќи не се многу заинтересирани за издавање книжевни дела за оваа популација. Многу мал е и бројот на книжевни дела од странски автори кои пишуваат за деца и млади преведени на македонски јазик, како и дела од македонски автори преведени на други јазици, истакна претседателот на Средбата Стефан Симоски.
Според него, токму Меѓународната средба треба да овозможи повеќе контакти меѓу книжевните преведувачи, како и соработка за преведување на книжевните дела за деца и млади на и од македонски јазик.
– Улогата на преведувачот е значајна и одговорна зашто тој преку преводот кој е основна алка во синџирот на комуникација, ја презема одговорноста да го овозможи подемот на убаво пишаниот збор од еден јазик на друг, да постави мост меѓу два одвоени света, да пронајде заемна врска меѓу две култури. Но уште позначајно е да се создаде поволна клима во која децата и младите ќе сакаат да читаат што ќе придонесе за поголема побарувачка на книжевни дела, оцени Симоски.
Во рамки на годинашната средба ќе биде промовиран францускиот превод на книга на истакнатиот македонски сатиричар Тоде Блажвески, а книгата од македонски на француски јазик ја преведе професорката Дореана Христова.
Утре, поради подготовките за манастирската слава „Св. Богородица“, симпозиумот продолжува со работа во Скопје.
Преведувачките награди за 2014 година согласно препораките на Светската федерација на преведувачите и УНЕСКО ќе бидат врачени во Скопје на свечен собир на 30 септември по повод Светскиот ден на преведувачот.