Хип- хоп изведувачот Тони Зен со изненадување за своите фанови – нов видео запис кој претставува компилација од две нови теми „Надвор“ и „Повеќе од рапер“, а истиот премиерно ќе може да се погледне вечерва (понеделник, 20-ти февруари 2012 година) на музичкиот канал МТВ со почеток во 20:00 часот.
Спотот за темата „Надвор“ е снимен во просториите на скопска „Стакларница“, како и во еден подрум и во него се појавуваат стотина статисти. Покрај малите деца, ултимејт фајтерите и девојките од модното студио Мак Моделс, дел во спотот се и животни кои не се препорачуваат за оние со слабо срце – змии, глувци итн.
Вториот дел од спотот, за темата „Повеќе од рапер“, комплетно е сниман во просториите на Renault.
– Сите мои ставови, погледи и мисли се искажани во овие две нови песни. Во спотот горам автомобил, а тоа е само преносна смисла на се кажано во „Надвор“ и „Повеќе од рапер“. Двете песни се моја интимна исповед и многу се разликуваат од тоа што досега сум го пласирал во етерот- изјавува Тони Петковски.
Новите теми кои од утре ќе можеме да ги слушнеме во радио етерот се со текст на Тони Зен, а музиката, аранжманот и комплетната продукција на Бертан Аслани. Режисер и на ова видео издание е Мерт Аслани.