„Танец“ го претстави второто издание на „Незаборав“

Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ денеска го промовираше второто ЦД издание „Незаборав 2“…

tanec

Најновиот носач на звук содржи 19 композиции од лонг плеј плочи на „Танец“ од кои дел се инструментални, а дел испеани од машки и женски пеачки групи.

– Сите овие плочи имаат раритетна вредност и се надевам дека ќе најдеме уште. За жал, немаме податок колку точно има плочи. Се надевам дека годинава ќе ги имаме и третото и четвртото издание на „Незаборав“ и ќе ги исцрпиме сите оние песни и ора испеани од солистите и музичарите на националнот ансамбл „Танец“ кои заслужуваат да бидат ставени на еден ваков носач на звук, истакна директорот на „Танец“, Зоран Џорлев на денешната промоција.

Најновото ЦД издание засега е некомерцијално но, Џорлев се надева дека ќе се најде начин како да се решат авторските права со дискографските куќи кои ги издавале овие плочи и оти овие ЦД изданија ќе бидат достапни за пошироката јавност.

„Незаборав 2“ излегува во годината кога ансамблот „Танец“ одбележува 65 години од постоењето. Покрај ова, планирана е и промоција на книга за „Танец“, изложба на носии, како и свечена академија и концерт во март кога пред 65 години со уредба од тогашната Социјалистичка Федеративна Република Македонија е признат ансамблот Танец како државен.

Првото ДВД издание „Незаборав“ беше издадено пред три години и исто така содржи 19 композиции.

You May Also Like