Учениците од СУГС „Здравко Цветковски“ со цел поттикнување на креативноста и натпреварувачкиот дух, како и промовирање на македонската култура и афирмација на македонската држава на меѓународно поле, минатата недела учествуваа на VII Меѓународен фестивал за театар, музика и танц „Утринска ѕвезда“ што се одржа во Банско, Република Бугарија.
На Фестивалот, кој беше со натпреварувачки карактер, учествува ученици од повеќе европски држави како Романија, Бугарија, Унгарија, Украина, Молдавија, Казахстан и Македонија.
Во категоријата за талентирани деца до 16 години во областа на музиката – вокално-инструментални бендови, учениците на СУГС „Здравко Цветковски“, чиј ментор е Даниела Георгевска, професор по музичка култура, освоија трето место. Учеството на фестивал на нашите учесници им овозможи дружење со децата од повеќе земји, а воедно и можност да ја претставуваат и да ја промовираат македонската култура и традиција.
Целта на Фестивалот е да се обезбеди можност талентираните деца да ги истакнат своите капацитети и искуства, а истовремено да се создадат услови за развој и промоција на креативните идеи преку семинари за размена на искуства.
Учеството на Фестивалот ги поттикна потребите од понатамошно продлабочување на соработката, но и повторна заедничка средба на децата од Македонија и од Бугарија преку танцот, музиката и театарот.
Целиот настан беше во организација на Уметничката академија „Деница“, администрацијата на заедницата на Банско, а под покровителство на Министерството за култура на Р. Бугарија.
