Започнува шестдневната МОТ треска

37-то издание на Младиот Отворен Театар ќе се одржува од 21-26 септември под мотото „Нешто е гнило“. И годинава во шесте театарски денови на МОТ ќе се случат многу предавања, работилници, тренинзи, презентации и промоции.

МОТ ќе биде отворен со „Пред ваши очи“ на Гоб Сквод, трупа составена од англиски и од германски уметници, со претстава во којашто играат деца од 8 до 14 години, наменета за возрасна публика.

Како ексклузива на фестивалот е гостувањето на компанијата на Јо Стромгрен од Норвешка со една танцова претстава насловена како „Граница“, како и гостувањето на Андреј Жолдак од Украина и неговото режисерско дело „Војцек“ во продукција на Слобода Жолдак Театар.

Фестивалската програма ќе ја збогатат и „Хипермнезија“ на режисерката Селма Спахиќ, „Мефисто“ на Словенско младинско гледалиште во режија на Едвард Милер и „Недопирливите“ на Петар Бохаќ во продукција на Спитфајр Компани од Чешка.

Дел од програмските единици на фестивалот ќе се одржуваат во Универзалната сала, дел во Драмски театар, дел во Градското кино Милениум, а најголемиот дел во МКЦ,  со што официјално ќе биде промовирана целосно реновираната и технички модерно опремена Денсинг сала.

Трите македонски продукции селектирани за главната програма на фестивалот МОТ се: „Змејовата невеста“ на прилепскиот театар „Марко Цепенков“ во режија на Нела Витошевиќ, „Питачка опера“ на Албанскиот театар од Скопје во режија на Дино Мустафиќ и „Конфузија“ во режија на Биљана Радиновска, а во продукција на Универзитетот Евро Балкан и Локомотива.

Во рамки на фестивалот ќе се одржат и  неколку работилници меѓу кои: „Кратки резови“ на хрватската професорка Аида Буквиќ, од чиишто работилници се очекува да произлезе и завршна презентација на резултатите од работилницата во вид на претстава; предавања на Јо Стромген на тема „Гостување во странство“, што овој пат ќе биде наменето за продуцентите што се занимаваат со независен театар, а сите заинтересирани ќе имаат можност да ги чујат советите  и на Андреј Жолдак.

Во офф програмата на 37-от МОТ за прв пат ќе се одржат филмски проекции на театарски продукции што ќе бидат емитувани во рамки на Кино-Театар програмата, секојдневно ќе  се одржуваат специјални сесии насловени како „На појадок со…“ со гостите од фестивалот, а Љубиша Никодиновски-Биш, основоположникот на МОТ ќе говори за тоа како се раѓаше МОТ во 1976-та и низ кои се премрежја поминал неговиот живот, а работилницата е симболично наречена „ МОТ, ЗОШТО, КОГА, КОЈ, КАКО-Ние одиме понатаму’’. Европската Унија ќе одржи и видео промоција на успешни проекти од програмата „Култура 2007-2013та“, а ќе биде одржана и една дебата на тема: „Независниот театар во Македонија и во регионот“.

Советот на фестивалот МОТ 2012 година е во состав: Зоја Бузалковска, Жанина Мирчевска, Нина Николиќ, Билге Емин, Никола Ристановски, Љубиша Никодиновски-Биш, Златко Стевковски, Ванчо Богоев и Русе Арсов.

 

You May Also Like