Самостојна изложба на Бојан Ивановски

Утре вечер, (петок,  30 март 2012 година) со почеток во 20:30 часот во „Отворено графичко студио“ ќе се отвори првата самостојна изложба на Бојан Ивановски насловена „Сакура“. Изложбата се состои од сет од 20 слики, направени со stencil техника, користејќи само скалпел, пластични хартија и црно- бели аеросол спрејови.

Циклусот на производство траел околу 11 месеци (од јули 2010 до мај 2011 година). Со оваа изложба авторот затвора една целина од неговиот интерес кон древната јапонска уметност и култура.

„Сакав да ги канализирам моите мисли и инспирации на едноставен начин со доза на невиност и чистота, но и да ја покажам мојата благодарност кон уметноста и општеството на Јапонија кои ме инспирираа да го направам овој проект, особено идеите што доаѓаат од старите јапонски дрвени принтови па се до денешните културолошки појави од типот на аниме, манга, нивната кинематографија, како и музиката“, истакнува Ивановски.

Има ли подобар начин да се покаже сето ова од истакнувањето на еднa од оние клишетизирани слики на западната цивилизација за Јапонија, нивниот неофицијален национален цвет и икона на културниот идентитет на самата држава – црешовиот цвет или Сакура? Вистинската убавина на црешовиот цвет е минлива – цветовите се сјајни кога се во полн цут, но ретко траат повеќе од една недела, цветаат сите одеднаш означувајќи го доаѓањето на пролетта и на нив се гледа како на знаци на среќа и љубов, но набргу венеат и паѓаат налик на снегулки кои со леснотија се одвеани од силен ветер, вистинска слика на краткотрајна убавина што сугерира чистота и минливост, вели авторот.

Во Јапонија овој кус период на расцутување асоцира на неизбежното, краткотрајно присуство на животот, интензитетот, екстремната убавина и смртта. Во суштина, на црешовиот циклус се гледа како на метафора за животот и за неговата краткотрајност и драгоценост.

Бојан Ивановски

Бојан Ивановски (роден 1981, во Скопје), дипломирал на Факултетот за правни науки на Катедрата за европско право и право на ЕУ, на Универзитетот ФОН во Скопје. Својот уметнички талент го развива паралелно со останатите интереси од областа на правото и музиката. Ова е негова прва самостојна изложба.

You May Also Like