Во Битола денеска ќе биде промовиран Прирачник за транспарентно лобирање на граѓанските организации од д-р Марјан Танушевски, на македонски и на англиски јазик, во издание на Македонско научно друштво-Битола и Фондација ПРЕДА.
Објавувањето на прирачникот е финансирано од Делегација на Европска унија во Република Македонија. Наменет е да помогне за зајакнување на капацитетот на менаџментот и ресурсите во граѓанските организации, да решава одредени проблеми и да влијае на јавните политики со користење на лобирањето како демократски инструмент, кое во западните демократии се смета за едно од најмоќните орудија за реализација на целите на граѓанските организации.
– Целта на Прирачникот е да не се случи општините да станат „затворени кутии“, напротив да овозможи современ начин на креирање политики меѓу јавниот и граѓанскиот сектор, дизајнирање и имплементирање на јавните политики низ континуиран и стабилен процес и со структурна интеракција на заинтересираните актери. Овозможува запознавање со надлежностите во општините, каналите за лобирање и процедурата особено за два мошне значајни документи како што се Буџетот и Програмата за работа на општинскиот Совет, вели авторот Танушевски, кој магистрирал и докторирал со трудови од областа на лобирањето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје.
Автор е на стручни и научни трудови за лобирање, во 2009 година членува во работната група што го изработи новиот Закон за здруженија на граѓани и фондации и е дописник на Македонска информативна агенција од Битола.
Промоцијата на Прирачник за транспарентно лобирање на граѓанските организации е во рамки на регионална конференција во Битола, со која завршува реализацијата на проектот „Лобирање и учество на граѓанските организации во процесот на донесување јавни политики во пелагонискиот регион – Градење дијалог“.