Промоција на книга за Јане Чаловски во Истанбул

Денеска (сабота, 24 ноември, 2012) во Истанбул, Турција, во рамки на Саемот на Современа Уметност ќе биде промовирана книгата ОБЈЕ’КТ (OBJE’CT), книга посветена на творештвото на македонски современ уметник Јане Чаловски.

Книгата е издадена од ЗОРЛУ АРТ ЦЕНТАР, центар за изведувачки уметности и партнерски спонзор на овогодинешниот саем на современа уметност, Истанбул 2012. Промоцијата на книгата е дел од програмата “Дијалози” во рамки на саемот на современа уметност. За книгата ќе говори етаблираната кураторка со меѓународна кариера, Башак Шенова во дијалог со уметникот Чаловски.

Книгата ОБЈЕ’КТ е прва во серијата на публикации посветени на уметниците кои се преставени во колекцијата на Зорлу центарот. Освен тоа, таа е обид да се укаже на специфичните карактеристики, развојните дилеми и насоки во уметничката колекција на Зорлу центарот, преку насоката на размислување и делување на Чаловски. Книгата истовремено претставува и прва сеопфатна публикација која се осврнува на творештвото  на Јане Чаловски. Инаку, Чаловски во 2011 година има изработено уметничко дело кое е дел од реномираната колекција на современа уметност на Зорлу Холдинг.

Кураторката Шенова  за Чаловски ќе рече: “Концептуалните, просторно специфични дела на Чаловски генерално се осврнуваат на непотполноста и пропустите во мета нарациите видени преку личниото искуство. Оттука, слично на работата на некој археолог, тој е преокупиран со истражување и обработка на различни архивите преточувајки ги во нови серии цртежи, видео документи, склптури-објекти и инсталции.  Тие отелотворуваат визии за една можна заедничката историја која осцилира помеѓу дејствијата на прикривање и разоткривања; оттука, неговото дело успева да восхити со алхемиски начин на претворање на пропустите во меморијата и изгубените линкови во ефемерни секвенци од настани, ситуации, чувства и објекти.”

Во книгата ОБЈЕ’КТ (OBJE’CT), освен воведот на Шенова, претставен е темелен разговор со Јане Чаловски, во придружба на критички осврт на германската критичарка и кураторка Астрид Веге (Astrid Wege) и текст од полскиот куратор Себастијан Цицхоцки (Sebastian Cihocki). Книгата дава увид во селектираните повеќеслојни дела на Чаловски, почнувајќи од 2000, кои биле изложени во Tate Britain, Manifesta7, European Kunsthalle, Kunshallen Brands, Baltic Art Center, Музејот на современа уметност во Скопје, AR/GE Kunst Galleria Museo и други институции.

You May Also Like