Прилепскиот театар ќе учествува на три фестивали

Прилепскиот театар ќе учествува на три фестивали меѓу кои „Експонто“ во Љубљана, во Словенија …

mnogu_vreva_za_nisto_prilepski_teatar

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ од утре до 23-ти овој месец ќе учествува на три фестивали во државата и странство. На денешниот прес директорот на Центарот за култура „Марко Цепенков“, Тони Четлески оцени дека тоа е голема потврда за успешната работа на ансамблот.

– Учествата на фестивалите ги почнуваме утревечер со настапот на Фестивалот за камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. На 13-ти септември театарот го отвора Меѓународниот фестивал „Експонто“ во Љубљана, а на 23 септември учествува на МОТ во Скопје, рече Чатлески.

На фестивалот „Ристо Шишков“ ансамблот утревечер ќе ја изведе претставата „Буре Барут“ од Дејан Дуковски во режија на Наташа Поплавска, по што в недела ќе гостува во Љубљана.

– Особено е задоволството што ќе отвориме таков реномиран фестивал што се одржува под покровителство на претседателот на Република Словенија. Фестивалот ќе го отвориме со претставата „Швејк во Втората светска војна“ според Брехт во режија на Мартин Кочовски, истакна раководителот на ансамблот Стојан Дамчески.

Ова е трето учество на Прилепскиот театар на овој реномиран меѓународен фестивал на кој учествуваат ансамбли од девет европски земји.

– Прво учествувавме со „Тапани во ноќта“, а потоа со „Кавкаски круг со креда“ која во 2011 беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот. Ова е особена чест, рече Дамчески.

Ансамблот заминува за Словенија в петок, а учеството на фестивалот го финансира Министерството за култура.

Прилепскиот театар на 23 септември во рамки на МОТ ќе настапи со претставата „Сон на летната ноќ“ од Шекспир, во режија на Нела Витошевиќ.

You May Also Like