Премиера на „Многу врева за ништо“ за крај на „Гола месечина“

Шекспировата „Многу врева за ништо“ во режија на Дејан Пројковски и во продукција на „Театар Комедија“ ќе биде изведена премиерно вечер кај Паркот на езерата во општина Аеродром, за затворање и во чест на наградените на првиот Меѓународен фестивал на комедии „Гола месечина“.

teatar gola mesecina aerodrom

Според режисерот Пројковски, претставата се занимава со театарот и животот, со сонот и јавето, па во одредени моменти актерите се ликовите на Шекспир, а во други моменти се луѓе кои во гримјорната ја носат својата приказна и тежина. Посочи дека претставата се поигрува со жанрови и со стилови, како што рече: театарска илузија со големи актерски трансформации.

– „Многу врева за ништо“ зборува за љубовта, за љубовните бури на младите луѓе во борбата да се пронајде и да се случи вистинската љубов. Има момент во претставата кога влегуваме многу реско во трагедијата за потоа на крајот сами да ја растуриме, да ја иронизираме, да влеземе преку една гротеска. Но интересното е тоа што постојано се игра на различен начин. Линијата се држи меѓу двата жанра, како и меѓу театарот и животот. Некогаш се обидуваме да ги споиме, па гледачот треба сам да оцени што точно е вистината или театарот. „Театар Комедија“ направи одлична актерска екипа. За еден актер да биде комплетен треба прекрасно да игра, да зборува стихови, да пее, да свири и танцува. Тие се прават во претставата и неа би ја дефинирал како театарска магија, изјави Пројковски.

Во „Многу врева за ништо“ играат актерите: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Жарко Димоски, Илија Илиоски, Роберт Ристов, Едмонд Сотир, Крсте Јовановски, Ердоан Максут, Зорица Нушева, Нина Деан, Драгана Левенска и Ева Скендеровска. Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски, композитор Горан Трајковски, а кореограф Елена Прокопева.

Фестивалот „Гола месечина“ од 21-ви до 27 јуни го организираше „Театар Комедија“ во соработка со Општина Аеродром и со поддршка на Министерството за култура.

Од седумте претстави (пет домашни и две гостински), четирите награди на фестивалот им се доделени на: „Без паника” во продукција на Народниот театар-Битола за најдобра претстава во целина; режисерот Синиша Евтимов за „Сомнително лице“ во продукција на Македонскиот народен театар; актерот Зоран Љутков за најдобра машка улога за ликот на Цанде во „Солунски патрдии“, продукција на Драмски театар Скопје и Елвира Аљукиќ за најдобра женска улога за Анѓа во претставата „Хамлет од Долна Мрдуша“ во продукција на Народниот театар Тузла. Наградите ќе им бидат врачени вечер, на свеченото затворање на фестивалот во Паркот на езерата во Аеродром.

You May Also Like