На 7 и 8 март (петок и сабота) во МКЦ ќе се одржи второто издание на „Прво па женско“, во организација на Tiiiit! Inc. од Скопје.
„Прво па Женско“ е иницијатива што има за цел да поттикне одново промислување на значењето на 8ми март – Меѓународниот ден на жената. Со одоново поставување на прашањето за положбата на жените во нашето современо општество,овој градски настан отвора неексклузивен простор за конструктивна дебата за околностите во кои денес живее жената чиј што профил, интереси, ставови и лични заложби за самоостварување се спротиставуваат на традиционалните стереотипи, за размена на знаења и вештини и нови можности за соработка и вмрежување.
Не ограничувајќи го контекстот на едно подрачје/теорија (феминизам, еднакви права…), „Прво па женско“ нуди целодневна програма составена од активности кои нудат можност за остварување на заеднички (не исклучиво женски или исклучиво машки) поглед и подлабоко разбирање на состојбите. Основната цел на фестивалот е отворање простор за унапредување на позитивниот став кон активноста на оние кои јавно го поставуваат женското прашање и дејствуваат во насока на подобрување на политиките кои во фокусот ја имаат жената.
Фестивалот има цел да поттикне препознавање, континуирано следење и вреднување на активна женска сфера во Македонија, но и да ги поттикне нејзините актери на поактивна и проактивна соработка и вмрежување. Програмата на настанот е концепирана како отворено поле за претставување и креативна размена на активните жени денес – оние кои од најразлични позиции теоретски се занимаваат со прашањата на родот, но и оние кои јавно се застапуваат и се обидуваат да влијаат на подобрувањето на политиките кои се однесуваат на жената, како и жени кои автентично се промислуваат себеси и својата улога во општеството, изразувајќи се во сферата на различните уметности.
Првото издание на фестивалот, оддржано на 08.03.2013 во Младинскит културен центар – Скопје траеше повеќе од 15 часа, во текот на кои непрестано се одвиваа активности. Во истиот земаа учество повеќе од 50 учесници и беше посетен од повеќе од 1000 посетители. Тоа е доволна основа целите со кои што беше покрената оваа иницијатива да се сметаат да успешно исполнети, а пораките за пренесени и ефектуирани.
Оваа година фестивалот ќе се одржи на 7ми и 8ми март во Младинскиот Културен Центар (МКЦ). Активизмот и вмрежувањето остануваат клучна точка и фокус на фестивалот, со тоа што ќе ја прошириме можноста за соработка помеѓу организациите кои работат на сродни теми во региониот и во ЕУ. Оваа година програмата вклучува: Женска соба за промоција на организации кои работат во областа на правата на жените и човековите права, активизмотво Македонија и регионот (Матка, Реактор, BeFem од Белград, Haveit од Приштина); Антипредавања за женскте преспективи во литературата, уметноста и популарната култура на професротике Маја Бојаџиевска, Славица Србиновска и Рајна Кошка Хот; Отворена библиотека со наслови од областа на родовите студии од незавнисни издавачи, Изложба и работилница за фанзини на Рита Гомес – активистка, дизајнерка и илустраторка од Португалија; Филмска програма реализирана во соработка со Студиорум, Pravo Ljudski Film Festival и Women Make Movies; Перформанс на уметничко активистичката група Haveit од Косово; Дј настапи на локални диџејки и концерт на бендовите Punchke (Хрватска), Chresus Jist (Србија), June (Македонија), Karmakoma и Kontradikshn (Словенија); Слем поезија; Базар на ракотворби и Детска работилница.
Деталната програма на настанот ја приложуваме во посебен документ.
———————————————————————————————————————-
Tiiiit! Inc.е неформална група, формирана во јануари, 2010 година од Јана Коцевска – етнолог, Јана Старделова – културолог, Кристина Леловац – актер и Ивана Петрушевска – новинар. Формирањето на групата е резултат на дологогодишното пријателство и на желбата за активно дејствување на независната културна сцена, темелено на индивидуалното искуство во невладинoт сектор, уметноста и медиумите на секоја од основачките. Фокусот на Tiiiit! Inc. е активното учество во промоцијата и развојот на независната културна и уметничка сцена, на женската интелектуална и креативна продукција и на општествениот активизам во РМ, преку негување и афирмација на различност, истражување, неформална едукација и унапредување низ креативна размена и соработка на актерите од овие области на дејствување. Следејќи го тој порив, од своето формирање до денес, Tiiiit! Inc. реализираат концептуални настани во областа на независната култура и уметност, како и хуманитарни настани што се темелат на ентузијазам, пријателска размена и креативна соработка. Досега сме ги реализирале следните мултимедијални и хуманитарни проекти: Woody Allen & Skopje. A neurotic romance (13.03. 2011); Let’s dance! (17.09.2011); Women In Revolt! (31.03.2012); Скопје у 90ти. градот кој веќе го нема (06.10.2012); Film boutiqe (02 и 03.11.2012); Ова е важно! – хуманитарен настан(16.12.2012);Прво па женско (08.03.2013). Настаните се исклучително успешно препознаени и посетени од бројна публика. Од септември, 2011 Tiiiit! Inc. негуваат плодна соработка со Младинскиот културен центар – Скопје кој техничкии програмски ги поддржува активностите иницирани од групата. Од јуни, 2012 Tiiiit! Inc. е асоцијативна членка и дел од собранието на асоцијацијата на независната културна сцена ЈАДРО и како таква е вклучена во сите активности, во сите стратешки планирања и во сите акции за промислувањето поврзано со развојот на независниот културен сектор. Во ноември 2014, Tiiiit! Inc. беше иницијатор за формирање на Матка – платформа за слободен пристап до легален аборус заедно со 8 цивилни организации кои работат на полето на репродуктивните права, правата на жените и ЛГБТ заедницата.