Прва музичка конференција во Скопје

ПИН е првата меѓународна музичка конференција која ќе се одржи во Скопје, од 23ти до 25ти ноември 2012 година. Конференцијата претставува заокружување на меѓународниот проект „Музика без граници“ (MUSIC WITHOUT BORDERS) и е посветена на светски актуелни теми од музичката индустрија, како и на локалните случувања и потреби во областа на културата, културниот развој и културниот активизам.

Панел програмата на конференцијата ќе се одржува во просториите на „Дом на АРМ“ во Скопје и ќе понуди различни дискусии кои ќе продрат длабоко во суштината на повеќе прашања од оваа област. Публиката ќе има прилика да чуе повеќе од 20 нови теми на панел дискусии, презентации, предавања, работилници, на кои ќе учествуваат повеќе од 250 домашни и странски експерти. Скопје за време на овие три дена ќе биде епицентар на размена на напредни идеи и знаења од областа на музиката и културата, пречекувајќи бројни НВО активисти, претставници на институции, музички продуценти, менаџери, музички новинари, букери, промотери, претставници на најголемите музички фестивали во Европа, млади музичари и експерти од цела Европа кои се активни во организирање и промовирање на културни настани.

Сето тоа ќе биде надополнето со интензивна музичка програма која ќе се одвива во вечерните часови на 4 локации: Дом на Арм, клуб „Хавана“, клуб „Колосеум“ и на наше особено задоволство, кината Вардар 1 и Вардар 2, кои за време на конференцијата ќе бидат отворени после 15 години. Програмата на ПИН вклучува преку 40 концерти, 4 театарски претстави, изложби, панели и презентации.

Нашата цел е да ги споиме и поврземе регионалните и европските искуства од музичкиот свет за да се разменат мислења и да се реализираат нови соработки, нови проекти на културно поле. „ПИН Конферецијата“ ќе понуди простор за дискусии на познати експерти и истакнати учесници на актуелни прашања од областа на музиката и културата, а културните оператори ќе имаат прилика да ја претстават својата работа и своите проекти. Самата конференција ќе биде саем на музички проекти и концерти на млади талентирани музичари.

Со ова, на 23ти ноември, официјално се отвора и четиринаесеттото издание на Таксират фестивалот чија програма годинава ќе се протега во трите викенди од 23ти ноември до 8ми декември.

MUSIC WITHOUT BORDERS е двегодишен интернационален проект финансиран од Европската Комисија (ИПА Програма, www.sites.google.com/site/ipa129799/home ), а се одвива под лидерство на Култур Актив од Германија во партнерство со Здружението за култура и уметност Таксират (Македонија), Граѓанското здружение Генератор (Србија) и Mировна Група Младих (Хрватска). Активностите на проектот се фокусирани на музичарите и културните оператори во областа на музиката вклучувајќи невладини и граѓански здруженија, локална администрација, менаџери, промотери, фестивали, издавачи, медиуми и тн., a се состојат од студиски посети, конференции, работилници и фестивали. Основната цел е да се обезбеди мобилизирање и поддршка на граѓанските здруженија во промовирањето на музиката и културата во мулти-етничките општества на Балканот и нивна соработка со музичките граѓански здруженија во Европската Унија, како и унапредување на дијалогот и соработката меѓу граѓанските здруженија и јавната администрација.

You May Also Like