Културно-Информативен Центар – Скопје го организира рециталот на Христина Велјаноска,пијано, што во рамки на циклусот “Доаѓаме… “ ќе се одржи утре (11 јуни 2013, вторник) во Музејот на Град Скопје со почеток во 20:00 часот. На програмата ќе бидат изведени дела од Бах-Кабалевски, Шопен, Менделсон, Прокофјев и Албениц.
Христина Велјаноска е родена 1994 година во Скопје. Нејзиниот музички талент е откриен на многу млада возраст. Во 2004 година се запишува во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј” каде со одличен оцена завршува нижо музичко образование. Овој успех директно ја води во првата година од средното музичко образование во истото училиште во класата на проф. Нина Костова-Јаневска. Сега е студент прва година на ФМУ во Скопје во класата на истиот професор. Учесник и добитник на награди на бројни државни и меѓународни натпревари, меѓу кои и прва награда на Меѓународниот натпревар “Пиетро Арџенто”во Италија во 2012 и специјална награда со максимум освоени бодови на Меѓународниот натпревар во Италија – Рагуза во 2010 година.
Христина Велјаноска е редовен учесник на сите концерти на своите учебни институции, како и на семинарите раководени од проф. Љ. Романова и проф. Б. Романов.
Во рамките на својата комплексна дејност преку циклусот “ДОАЃАМЕ…” КИЦ-Скопје продолжува со традицијата на екслузивни дебитатнтски концерти. Како носители на овие програми се јавуваат млади инструменталисти – ученици и студенти од музичко-образовните институции во Македонија.
И покрај младоста, тоа се без исклучок оное таленти кои веќе ја аргументирале својата концертантна перспективност низ бројни настапи за своите учебни институции, за МММ, како солисти на МФ, но исто така и низ бројните освоени награди на државните и меѓународни натпревари за ученици и студенти по музика.