Осмa по ред „Пијанечко-малешевска свадба“

Годинашново, осмо по ред издание на „Пијанечко-малешевската свадба“, чиј главен организатор е КУД „Гоце Делчев“ од Делчево целосно беше во функција на збогатување на туристичката понуда од регионот …

delcevo

Паралелно со „Пијанечко-малешевската свадба“ вчера, денеска и утре се одржува и 38-миот Меѓународен музички и фолклорен фестивал „Делчево 2014“. За годинашни младенци на „Пијанечко-малешевската свадба“ беа избрани Драгана Васева од Делчево за невеста и Димитар Шалев од Штип за зет.

На претпладневната свечена седница на Советот на Манифестацијата и на Советот на Општината, градоначалникот на Делчево, Дарко Шехтански им го врачи решението за свадбените дарови.

Верскиот обред венчавка се одржа во градската црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Делчево.

Свечената свадбена трпеза со традиционалното варено гравче со овчо месо и со специјалитети од овој крај беше организирана во манастирскиот комплекс „Св. Богородица – Балаклија“. На големото свадбено оро учествуваа неколку стотици играорци, добронамерници и гости, како и фолклорната група „Копачка“ од село Драмче и повеќе фолклорни групи од земјава и од Србија, Бугарија, Турција и Германија.

„Пијанечко малешевската свадба“ финансиски е поддржана од Министерството за култура, од општините Берово, Пехчево и Делчево и од бизнис секторот во регионот.

Свадбата продолжува со веселба на летната сцена во центарот на Делчево.

You May Also Like