Денеска (понеделник, 10 декември), во Големата сала на Советот на Град Скопје, се одржа трибина во чии рамки беа презентирани резултатите од спроведеното истражување за најдобар угостителски објект во Скопје.
Истражувањето по пат на тајни купувачи од 15 октомври до 15-ти ноември, го реализираше Град Скопје во соработка со SWOT RESEARCH, Агенција специјализирана за мистери шопинг. На трибината освен врвните скопски угостители, присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
– Во оваа пригода, би сакал да ја изразам мојата благодарност до вас што пројавивте интерес за оваа трибина и дојдовте овде за активно да учествувате се со цел да ја подобриме угостителската понуда во Скопје. Сметам дека туристичката понуда на нашиот град е веќе зголемена, но дека треба да поработиме на подобрувањето и на нашата угостителска понуда. Мислам дека е добро да се чујат резултатите од спроведеното истражување и да забележиме што конкретно треба да задржиме, усовршиме или измениме за нашата угостителска понуда да добие повисока евалуациска оцена и од странските и од домашните туристи, но и воопшто од граѓаните на Скопје. Се надевам дека резултатите од оваа трибина ќе бидат позитивни и дека ќе ги прифатите сугестиите, на SWOT RESEARCH, професионалната и објективна Агенција специјализирана за мистери шопинг, како добронамерни, па на наредната 6-та Манифестација, вашето име ќе се најде меѓу првонаградените гостилници или ресторани, истакна градоначалникот Трајановски.
На трибината интерактивно, преку дискусија беа разгледани мислењата и забелешките од спроведеното истражување, со цел унапредување на угостителските услуги и целокупната туристичко-угостителска понуда на ниво на град Скопје.
Марко Радоњиќ, директор на SWOT RESEARCH, Агенција специјализирана за мистери шопинг, на денешната трибина ги потенцираше добрите оценки за ентериерот и екстериерот или изгледот на оценуваните објекти, како и добрата критика за храната во нашите угостителски локали, а како послабо оценет го истакна односот на вработените во рестораните и гостилниците. Тој препорача организирање на адекватни обуки за персоналот, а општ заклучок на угостителите беше дека треба да се организираат во Здружение кое што би требало да им го олесни патот до усовршувањето на услугите.
Со истражувањето беа опфатени околу 100 угостителски објекти во градот, а тајните купувачи за да ги оформат своите конечни оценки, сите 50 гостилници и 50 ресторани ги посетија по три пати. Тајните купувачи оценуваа неколку критериуми и тоа: прв контакт; изглед на просторијата; услуга на келнерите; квалитет на храната и завршен контакт. Годинава, во категоријата најдобар ресторан за 2012, првите три места им припаднаа на Ресторанот „Гурмет“, „Национал“ и „Аванти“, а најдобрите гостилници за 2012 година се: „Капка“, „Галерија“ и „Кај Чичо 2“.