НУ „Охридско лето“ со нов в.д. директор

По дадената неотповиклива оставка од страна на директорот на Националната установа фестивал „Охридско лето“ Васко Василевски, со одлука на Министерството за култура денеска за в.д. директор на фестивалот е назначена Анита Алоска.

Од министерството уште соопштија дека во најкус можен рок ќе биде покрената процедура за распишување конкурс за избор на нов директор на фестивалот „Охридско лето“.

Васко Василески вчера донесе одлука да се повлече од функцијата директор, по само неколку месеци минати на чело на Националната установа фестивал „Охридско лето“.

Оставката следеше по последните случувања поврзани со назначувањето на раководителите на Охридскиот народен театар – Горан Стојаноски и директорот на Македонската филхармонија,Маја Чанаќевиќ за нови програмски селектори од страна на управата на фестивалот, кои само после пет дена писмено ја известија фестивалската управа дека се повлекуваат од функциите на кои беа назначени.

Управниот одбор на „Охридско лето“ најави одржување итна седница на која ќе се дискутираат состојбите во најреномираната музичко-сценска манифестација во земјата, која веќе години наназад со соочува со проблеми околу изборот на раководен кадар, но и финансиски потешкотии.

Во „Охридско лето“ веќе извесно време се вршат инспекциски контроли кои ги истражуваат наводите за одредени злоупотреби во минатото, а сериозен проблем претставуваат и големите долгови, неплатените даноци и други обврски на установата што се провлекуваат со години.

You May Also Like