Министерството за култура информира дека на Конкурсот за избор на директор на Националната установа „Охридско лето“ за директор на оваа институција е избран Васко Василески.
Министерот за култура, врз основа на предлогот од Комисијата, одлучи дека Василевски ги исполнува општите и посебните услови утврдени со Конкурсот, а во согласност со доставената Програма за работа и развој на установата за периодот 2011-2015 година, поседува стручни и други квалитети.
Кандидатот во предложената програма нуди предлози за подобрување на техничката опременост и организациското поставување на фестивалот, како и програмско зајакнување, пласман на фестивалот преку маркетиншки активности, техничко унапредување на постојните сцени, како и дополнување со нови.
Исто така, Министерството за култура информира дека на објавениот Конкурс за избор на директор на Националната установа Национална галерија на Македонија, врз основа на предлогот од Комисијата, за директор на оваа институција е избрана Халиде Палоши.
Во понудената програма, кандидатката дава предлози за развој и унапредување на основната дејност на Националната галерија на Македонија, во насока на реализација на активности поврзани со изложбената и музејската дејност, во чиј контекст е и грижата за културното наследство, како и промотивни активности. Палоши во својата програма се осврнува на изложбените капацитети на установата во рамките на нејзините три простори:
Даут-пашин амам, Чифте амам и мултимедијалниот центар „Мала станица“, како силен потенцијал за интензивирање на изложбените активности.
Истовремено е предвидена и соработка со сродните институции, како во Република Македонија, така и на меѓународно ниво, преку ликовно претставување на нашите автори во странство.