Никола Маџиров на „Поетскиот Парнас“ во Лондон

Маџиров на „Поетскиот Парнас“ ќе ја претставува Македонија и македонската книжевност и јазик под уставното име. Инаку Поетската олимпијада е најголемиот светски поетски настан во историјата. Манифестацијата ќе се одржува од денеска (26 јуни) до 1 јули, а на неа учествуваат 204 поети , колку што има земји-учеснички на спортската олимпијада. Поетите се избрани од над 6.000  предложени, со одлука на Меѓународниот борд на фестивалот.

Песната на нашиот претставник „Сенките не одминуваат“ е избрана за објавување во светската антологија на современата поезија, насловена „Светски рекорд“ (The World Record), во издание на британскиот  „Бладекс“ (Bloodaxe).

Маџиров ќе настапува секој ден на Поетската олимпијада:  на отворањето ќе дебатира на Светскиот поетски самит на тема „Е-поезија и виртуелни фестивали“ и е избран меѓу тројцата од сите 204 застапени поети во Антологијата да ја промовира неа во Центарот за мигранти во Лондон. Покрај него, промотори ќе бидат и Кети Нивјабанди од Бурунди и Шалија Пател од Кенија.
Утре (среда, 27 јуни) нашиот поет ќе учествува на дебатата „(Анти)национализми, граници и идентитет“ модерирана од Ендрју Моушн, поет-лауреат на Велика Британија, а истиот ден ќе биде дел од поетското читање во чест на десетгодишнината од британското поетско списание „Волф“ каде што Маџиров е објавен заедно со поезијата на Пети Смит, Адонис, Мајаковски, Чарлс Симик.

В четврток  (28 јуни) пак, во ноќта насловена „Новиот светски поредок“, Никола Маџиров со уште петмина светски поети ќе ја чита својата поезија на македонски јазик, а британски поети – преводот на англиски. На 29 јуни  ќе настапи на „Светска школа: Поезија од Балканите“, а следниот ден ќе настапи на претставувањето на најновиот број на еден од најважните поетски магазини во Британија, „Поетри Лондон“, кој објави неколку негови песни на англиски јазик.

Неговите читања на македонски јазик ќе бидат архивирани во специјално студио кое ги осведочува сите светски јазици. Сите присутни поети ќе ја напишат сопствената песна од Антологијата во свој ракопис и ракописот ќе го достават до архивата на Поетската библиотека во Лондон. Овој најголем поетски настан медиумски ќе биде покриен од Би-Би-Си, „Гардијан“ и од сите значајни британски и светски медиуми, а се очекуваат илјадници посетители, критичари, менаџери и издавачи.

You May Also Like