Во Кинотеката на Македонија доаѓа познатата руска актерка Наталија Бондарчук – во рамките на Филмскиот циклус Андреј Тарковски, кој во Скопје ќе се одржи од 4 до 9 декември, а од 6 до 11 декември во Н.У. Центар за култура – Битола.
Познатата руска актерка, со своето обраќање до публиката, како и со проекцијата на култниот филм Соларис од А.А.Тарковски, на 4 декември свечено ќе го отвори Филмскиот циклус Андреј Тарковски, кој што покрај филмските проекции, ќе биде збогатен и со промоцијата на книгата Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски“ на м-р Атанас Чупоски.
На своето гостување, актерката Наталија Бондарчук – покрај можноста да се запознае со Македонија и македонската кинематографија – на големо задоволство на сите филмофили и филмски дејци – ќе зборува како за создавањето на филмот Соларис, така и за реализацијата на филмот Средби со Соларис – чија проекција ќе се одржи на 5 декември во 20 часот.
Како дел од програмата, покрај Филмскиот циклус Андреј Тарковски, на 6 декември, во 19 часот, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи и промоција на книгата „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски“ од м-р Атанас Чупоски, во издание на Кинотека на Македонија.
Промотори на настанот ќе бидат проф. д-р Маја Бојаџиевска и проф. д-р Славица Србиновска. Веднаш по промоцијата ќе биде прикажан филмот Stalker (Демнач) на Тарковски.
По гостувањето во Скопје, во Кинотеката на Македонија, г-ѓата Бондарчук ќе гостува во Н.У. Центар за култура – Битола, каде пред тамошната публиката ќе ги претстави своите филмски искуства.
Во рамките на Филмскиот циклус Андреј Тарковски во Кинотеката на Македонија – ќе бидат прикажани и филмовите Stalker, Ивановото детство, Андреј Рубљов и Огледало.
Филмскиот циклус Андреј Тарковски е реализиран со помош на Рускиот културно-информативен центар во Софија, Руската амбасада во Скопје, Филмскиот фонд на Македонија и Н.У. Центар за култура – Битола.
—————————————————–
Наталија Бондарчук (Наталья Сергеевна Бондарчук) е родена на 10 мај 1950 година во Москва, како дете на познатиот украински актер и режисер Сергеј Бондарчук и руската актерка Ина Макарова. Во 1971 година дипломира на катедрата за филм во Москва.
На филмското платно, Наталија Бондарчук дебитира во 1970 година во филмот „Езеро“, по кој следи улогата во филмот „Ти и јас“. Таа својата светска слава ја добива во 1972 година со улогата на Хари во култниот научно-фантастичен филм Соларис од Андреј Тарковски.
По успехот на Соларис, славата на Наталија Бондарчук стигнува до сите краеви на светот, но актерката во следните години ќе одигра само десетина улоги, меѓу кои се улогата на Марија Волконскаја во филмот „Прекрасната ѕвезда на среќата“ на режисерот Владимир Мотул, улогата на Мадам де Ренал во тв-филмот „Црвено и црно“, и улогата на принцезата Софија во филмот „Младоста на Петар Велики“ на режисерот Сергеј Герасимов.
Нејзината улога на принцезата Софија во историскиот филм „Младоста на Петар Велики“ подигна голема врева во медиумите, бидејќи Бондарчук во овој филм портретира еден женски лик кој што претставува еден вид претходничка на Кралицата Екатерина Велика – и е првата значајна фигура на еманципирана руска жена…
Како режисер и сценарист, Наталија Бондарчук дебитира во 1975 со филмот Несреќната мајка, а потоа следуваат филмовите Бронзениот коњаник и Живо виножито.
Нејзини најкарактеристични филмски активности во доцните 80-ти се сценаријата кои ги напишала во соработка со писателот Јуриј Нагибин – Детството на Бамби и Младоста на Бамби – филмови кои што се добитници на голем број награди.
Во приватниот живот, Наталија е во брак со актерот и режисерот Николај Петрович Бурљаев, познат по своите улоги во Ивановото детство и Андреј Рубљов.
Филмографија:
1969 ЕЗЕРО (У озера)
1970 СРЦЕТО НА РУСИЈА (Сердце России )
1971 ВРАЌАЊЕТО НА БРОД Возвращение катера)
1971 СЕМЕЈСТВОТО ПЕТРУХИН (Петрухина фамилия)
1971 ВРАЌАЊЕТО НА ВОЈНИЦИТЕ ОД ФРОНТОТ (Пришел солдат с фронта)
1971 ТИ И ЈАС (Ты и я)
1972 СТРАНИЦИ (“Страницы”)
1972 СОЛАРИС (Солярис)
1973 ИСПОЛНУВАЊЕ НА ЖЕЛБИ (Исполнение желаний)
1974 НЕБО СО МЕНЕ (Небо со мной)
1975 НЕВЕРОЈАТНАТА ЅВЕЗДА НА СРЕЌАТА (Звезда пленительного счастья)
1976 УБАВО И ЦРНО (Красное и черное)
1979 БАНИТЕ ПОЛОВИНА ЗБОРУВАА… (Бабушки надвое сказали…)
1979 ВОЗРАСЕН СИН (Взрослый сын)
1979 ИЗБОР (Выбор)
1980 ПОЧЕТОКОТ НА СЛАВНИТЕ ДЕЛА (В начале славных дел)
1980 МЛАДОСТА НА ПЕТАР ВЕЛИКИ (Юность Петра)
1981 ВАСИЛИЈ И ВАСИЛИСА (Василий и Василиса)
1982 ЖИВОТО ВИНОЖИТО (Живая радуга – режисерка и актерка)
1982 БОГОРОДИЦА (Мать Мария)
1985 ДЕТСТВОТО НА БАМБИ (Детство Бемби – актерка, режија и сценарио)
1986 ЛЕРМОНТОВ (Лермонтов)
1986 МЛАДОСТА НА БАМБИ (Юность Бемби – актерка, режија и сценарио)
1991 ГОСПОДЕ, СЛУШНИ ГИ МОИТЕ МОЛИТВИ (Господи, услыши молитву мою, тв: “Просите, и будет вам” – актерка, режија и сценарио)