Во Кино салата на Кинотеката на Македонија, вчера (понеделник, 19 ноември) беа доделени наградите за најдобрите цртежи на Меѓународната детска ликовна изложба 13 Ноември-2012, што традиционално се одржува во просториите на Библиотеката Другарче, по повод Денот на ослободување на Скопје.
Изложбата по повод празникот на градот Скопје – 13 Ноември, традиционално ја организираат: Детскиот ликовен центар-Скопје и Градското Здружение на ликовни педагози, институции коишто беа официјално регистрирани во месец ноември, далечната 1969 година, а Меѓународната детска ликовна изложба се одржува под покровителство на Град Скопје.
На присутните гости им се обрати Џевдет Вејсели,Заменик раководител на Секторот за јавни дејности на Град Скопје, којшто им честиташе на добитниците на наградите од градинките, основните и средни училишта во Република Македонија и ги покани годинешните учесници од другите земји, идната 2013 -та година пак да земат учество на оваа традиционална ликовна Манифестација, наменета за младите и за талентирани ликовни уметници од целиот свет, а којашто се одржува во срцето на Европа, градот Скопје.
На изложбата учествуваат млади ликовни таленти на возраст од четири до 18 години, а во Галеријата на Библиотеката Другарче, се поставени 300 ликовни творби, од кои 120 се добитници на награди во категориите за предучилишна возраст, одделенска настава, предметна настава при основните училишта, средните училишта и индивидуално учество.
На годинешната ликовна Манифестација учествуваа младите ликовни уметници од: Словачка, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија, Украина, како и младите ликовни творци од нашава држава. Ова е 39-та Изложба по ред и од 1973 година традиционално се одржува во чест на Денот на ослободување на градот Скопје, 13-ти Ноември.