Награда за најдобриот продавач на „Лице в лице“

Најдобриот продавач на активистичкото списание „Лице в лице“, Ерџан Садик утре (петок, 14 декемри) во 11:00 часот ќе добие велосипед од амбасадорката на Кралството Холандија, Мариет Шурман, како подарок за неговиот успех.


Ерџан ќе добие комплетно опремен велосипед со кој на пролет полесно ќе може да си ја врши својата работна задача. Врачувањето на велосипедот ќе се одржи во петок во Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари, кој се наоѓа веднаш до градинката “Црвенкапа“.

Сите продавачи на списанието пак, ќе добијат подароци од Македонски Телеком како награда за посветеноста кон работата и упорноста во внесувањето промени во нивните животи.

Освен доделувањето на наградите, на настанот ќе биде овозможено и дружење меѓу децата од Дневниот центар и сите оние кои се пријавија да им помогнат и да ги израдуваат. Повеќе граѓани се приклучија на новогодишната акција на „Лице в лице“, “Израдувај дете од улица“ и в петок, дел од нив ќе го посетат Центарот и ќе им ги врачат подароците кои ги подготвија за нив.

Околу 100 деца, колку што згрижува Центарот го чекаат својот „новогодишен“ другар од кој ќе добие внимание, насмевка, подарок. Ги повикуваме сите граѓани, организации, институции и компании кои сакаат да израдуваат едно од овие деца да се вклучат во акцијата. На тие што ќе учестуваат, „Лице в лице“ ќе им испрати честитка со кус опис на желбите на детето, што ќе помогне да се смисли најдобар начин за да се израдува едно детско лице.

Секој четврток до крајот на годинава „Лице в лице“ ќе прави организирани посети на Центарот кога ќе бидат врачувани подароците и ќе има заедничко дружење со донаторите.Веќе в сабота планирано е друга група граѓани, како дел од акцијата “Израдувај дете од улица“ да однесе неколку деца в кино, во Зоолошката градина, во сликарско ателје, на Водно, во игротека и да им овозможи несекојдневен викенд.

Во текот на оваа недела група деца од Дневниот центар од Шуто Оризари активно се подготвуваа за учество на конкурост на „Пакомак“ „Trash for Art“за изработка на уметничко дело од отпад. Заедно со ликовниот уметник Сергеј Андреевски, тие  изработија неколку дела преку кои ќе ја пренесат пораката дека се грижат за животната околина, но и дека со малку фантазија можат да се изработат вистински уметнички дела од отпад.

„Лице в лице“ направи и специјален дизајн нановогодишни честитки кои сите заинтересирани можат да ги купат и со тоа да им помогнат на децата од улица кои се згрижени во Дневниот центар.

You May Also Like