Модниот новинар во магазинот “Теа Модерна” и моден дизјанер Небојша Толески не почести со неговата четврта самаостојна колекција “Верига” претсавена пред очите на јавноста преку ревија во МКЦ.
Научени на досега питомиот гламур кој му донесе посебни награди на Белградските модни недели и за најдобар светски израз, овој пат го видовме низ призмата на неговиот камелеонски сензибилитет, најповеќе преку изразот на гламурот во смирени линии. Доминантно место имаат кошулите и здолништата изработени од свилен жоржет, свила, памучен жоржет, а со нивната широчина на кројот не го оптеретуваат телото.
Миксот на светли со темни бои е усогласен, а материјалите се нежни. Колекцијата е за оваа летна сезона, неговата визија за облекување на жените за летото, без да ги кити со пренападен гламур.
За ревијата беа употребени неколку LCD телевизори и посебно осветлување.
Низ нашата “кул“ тура со Толески, еве што разговаравме …
1. Небојша, како настана “Верига”, стихијно или турбулентно, опиши ни го нејзиниот бекраунд?
– Верига настана буквално како верига! Се редеа низа настани, патувања, градови, луѓе… Поврзувањето во една целина немаше да биде комплетно без замокот Малме во Малме, Шведска. Јас сум голем љубител на замоци, но ако порано ме привлекуваше ентериерот во сите кои сум ги посетил, овојпат вниманието ми го одвлече мало парче материјал, аплицирано на завеса која се наоѓаше во одајата од кралот Кристијан трети. Материјалот беше изработен од тенки свилени конци споени во низа. Целината беше комплетна за создавање нова колекција. Сакав да направам изгледи кои се поврзани во нераскинлива низа, материјали кои изгледаат дека се еден материјал, а всушност се поврзани од три. Низата ја надополнив со духот на старите времиња вметнувајќи плетена тантела, а аплицирањето на цветовите беше поттикнато од урбаното живење. Со една цела низа на истражувања за поврзаноста меѓу чувствата и емоциите, ја создадов Верига.
2.Од кои материјали е составена?
– Најголем дел од креациите имаат плетена тенка тантела која е поврзана во низа. Свилениот жоржет го споив со памучниот, а сатенот со свилата.
3.Која е нишката од еден до друг моден изглед ?
– Токму во спојувањето на текстурите и материјалите се забележува нишката. Но таа потоа продолжува да се спојува со слободниот крој на кошулите и лежерните здолништа, па верижниот изглед е неизбежен од едно до друго парче.
4.Какво беше чувството по секој краен резултат (мислам на парчињата одделно), дали си ги исполни очекувањата или беше изненаден ?
– Секое парче беше претходно добро осмислено и не дозволив да се изненадам при крајниот резултат. Ако не бев 100% фокусиран на колекцијата, можев да се изненадам непријатно од исходот, но јас сум сигурен во она што го работам.
5.За што размислуваше додека ја подготвуваше и колку време ти одзеде?
– Добри четири месеци! Размислував како ќе постигнам да бидам и моден новинар во Теа, и моден дизајнер истовремено. Ама јас имам волја да си докажувам себе си повторно и повторно дека можам и дека не отстапувам од моите замисли. Размислував многу колку е убаво чувството кога она што си го замислил во глава, излегува на дело, можеш да го допреш…
6.Слушаш ли музика додека работиш, што е тоа што го слушаш?
– Обично сакам тишина кога работам или тивка музика, ама пуштена во друга соба. Во последно време еврејската музика ми го привлекува вниманието.
7.Што е тоа што ти дава мотивација за работа?
– Генераторот на емоции!
8.Имаш ли своја муза, Толески?
– Секоја девојка или жена која преку своите очи ми ја открва душата е моја муза.
9.Каква е иднината на колекцијата, каде може да се разгледаат и пробаат модните изгледи кои ги видовме ?
– Сеуште сум во преговори. Знам дека кон средината на јули, дел од колекцијата ќе биде испратена за Дубаи. Инаку, во моето ателје дома секој заинтересиран може да ги види.
10.Колку често си дел од културата во нашиот град?
– Онолку колку што сметам дека треба. Ако сите се појавувавме за да бидеме видени (а тоа е најчест случај) тогаш културата би немала смисла.
11.Книга/Филм/Престава/Песна/Спот кои ти го сменил погледот на животот, има ли таков?
– Луѓе со чиста душа и паметна мисла го смениле мојот поглед на животот и бескрајно им благодарам за советите, без разлика дали биле дел од книги, филмови или сум ги сретнал во живо.
12.Што е тоа што сакаш да го видиш во огледалото?
– Секогаш се гледам себе си, со сите мои мани и доблести и широката насмевка која не ја штедам за да му се насмевнам на огледалото и на светот секој ден.
Александра Бела