Манифестација „Македонска култура во Кина“ завршува

Со концерт на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ во крајбрежниот туристички град Далиан во НР Кина, денеска завршува манифестацијата „Денови на македонската култура во Кина“.

Членовите на Ансамблот „Танец“ и синоќа се претставија пред кинеската публика во еминентната концертна сала „Сенчри“ (Century), каде што нивната изведба и презентација на македонската фолклорна традиција беше наградена со бурен аплауз од многубројните гости.

Пред почетокот на концертот, министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска пред присутните, меѓу кои и амбасадорот на Република Македонија во Кина Оливер Шамбевски, претставници на Министерството за култура на Кина и други гости, истакна дека преку настапот на „Танец“ ги споделуваме нашите културни вредности и ги продолжуваме континуитетот и желбата заеднички да ја градиме понатамошната културна соработка меѓу двете земји.

– Убедена сум дека манифестацијата „Денови на македонската култура во Народна Република Кина“ ќе биде само почеток во отворањето нови можности за побогата културна соработка меѓу двете држави. Овие културни настани и многуте за кои сум сигурна дека ќе се реализираат во иднина ќе бидат вистински носители на ренесансата меѓу нашите две земји – додаде Канческа-Милевска.

Во рамките на првата официјална посета на Народна Република Кина, Канческа-Милевска во текот на вчерашниот ден оствари и средба со директорот на Асоцијацијата на ликовните уметници на Кина, Лиу Да Веи, со кого разговараше  за поголемо учество на кинеските уметници на ликовните колонии во Република Македонија, но и за поинтензивно учество на македонските автори на престижното биенале на уметноста во Пекинг.

Манифестацијата „Денови на македонската култура во Кина“, која беше отворена со изложбата на Гордана Вренцоска во музејот „Џинтаи“, беше првото претставување на македонската култура преку ваква комплексна манифестација во Народна Република Кина. Ваквиот концепт на презентирање и промоција на македонската култура во светски рамки и во иднина останува еден од приоритетите во работењето на Министерството за култура.

You May Also Like