Денеска (недела, 17 авгудт) во 20:30 часот во Општина Новаци концерт ќе одржи Duo Nuovo односно Марија Шамоска -Буџаковски пијано и Андријана Дукоска виолончело.
Концертот на Duo Nuovo е во рамките на Културно лето Општина Новаци 2014.
Андријана Дукоска е родена 1987 година во Прилеп.
Средно музичко училиште завршува во 2006 година во Битола, во класата на Проф. Панде Тунтевски, како музичар изведувач – Виолончелист. Своето високо образование го продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на Проф. м-р Живко Фирфов и го завршува во 2010 година, со највисока оценка
Учествувала на повеќе државни натпревари и е добитник на:
– Втора државна награда за соло виолончело – 2004 година
– Прва државна награда за камерна музика – 2005 година
Учествувала на семинар кај познатиот и маестрален виолончелист Јоханес Мозер – Германија.
Марија Шамоска Буџаковски е родена 1983 година во Битола, каде завршува основното музичко училиште во класата на проф. Василка Куновска и средното музичко училиште, во класата на м-р Ана Стефановска. Во 2001 година се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на м-р Милица Шперовиќ-Рибарски. Во 2008 година се стекнува со звањето Магистер.
Учествувала на повеќе државни и меѓународни натпревари и е добитник на повеќе награди и тоа : Прва награда на натпреварот “Francesco Forgione”во Италија, трета награда на натпреварот “Genova 2002” во Генова, Италија, специјална награда за најдобро изведено македонско дело на натпреварот “Интерфест” – Битола, второ место со клавирско трио на државен натпревар во Скопје, повеќе награди во склоп на камерни состави.
Учествувала на семинари кај познати пијанисти како: Макико Хирата, Марчела Крудели, Даниела Морели, Акилес Дел Вињ, Андреј Диев, Данг Таи Шон и др. Во 2011 година, на меѓународниот натпревар “EUTERPE” во Италија, после доделувањето на првото место на нејзин ученик, доделена и е Diploma De Onore или Диплома на Честа од организаторите на натпреварот, со што е наградена и потенцирана нејзината работа како предан педагог и професионалец во својата професија.