За улогата на Стела Бенвениста во претставата „Вечната куќа“ на Македонскиот народен театар, актерката Искра Ветерова e добитник на наградата „Актер на годината“, која ја доделува редакцијата „Дневник“.
Наградата ќе и биде врачена на 21 март, во 19.30 часот, во МНТ, а во чест на наградената, ќе биде изведена претставата „Подемот и падот на кабарето“.
Во образложението на „Дневник“ стои: Една од актерките-стожери на националниот театар, во главниот лик на претставата влегува со целата душа и тело. Сцената ја освојува со силни емоции, а духот на старицата го оживотворува со беспрекорна актерска посветеност. Таа е духовната вертикала околу која ротира дејството во најкомплексната претстава поставена на театарската сцена во Македонија.
Актерската изведба на Искра Ветерова е емотивна и истовремено многу нежна. Движењата се спокојни, но со цврста гестикулација. Зборовите се тивки и полни со болка, но и со неизмерна љубов. Во себе ги носи страдањата на милиони маченици, но и една од највозвишените одлики на човековото битие – способноста да простува. Остварувањето на желбата да се врати во семејната куќа во Скопје, на левиот брег на реката Вардар, како највпечатлива карактеристика на ликот, Ветерова ја гради со аскетски манири, монашко смирение и со срце полно со мудроста на животот. Вечноста на „Вечната куќа“ ја сфаќа и прифаќа како цивилизациска духовна придобивка, која ги надвишува просторот и времето. Метафизичката димензија на текстот ја сознава и разоткрива во реалноста на опстојувањето. Возвишената состојба на духот, емотивната артикулација и беспрекорниот сценски израз се клучните елементи што ја потврдуваат одлуката – наградата „Актер на годината“ за 2013 година да и биде доделена на актерката Искра Ветерова.
Искра Ветерова 20-ина години е дел од актерскиот ансамбл на МНТ. Освен многубројните театарски улоги играше и во филмовите: „Збогум на 20 век“ (1998), „Како лош сон“ (2003), во ТВ-филмот „Вампирџија“ (2002) и во други.