Денеска (сабота, 13 септември) во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе се одржи изложба по повод јубилејните 100 години од смртта на Калистрат Зографски.
Организатори на изложбата се Сојузот на композиторите на Македонија и Музичко-научната манифестација Струшка музичка есен
Архимандрит Калистрат Зографски
(превземено од книгата „Историјата како иконостас” од проф. д-р о. Стефан Санџакоски, Икона, 2003)
Бележит игумен и архимандрит на општежителниот манастир Св. Георгиј – Зограф на Света Гора Атонска. Роден е во 1830 (?) година во Струга. Енциклопедиски образован и задлабочен подвижник, теолог, музиколог и филолог. До замонашувањето работел како професор по грчки јазик и црковно пеење. Во манастирот Зограф ги создал: музичкото училиште и преведувачкото, калиграфско-препишувачко училиште. Како блескотен теоретичар на византиската невматска музичка традиција, композитор и псалт од една страна и одличен познавател на старогрчкиот, старословенскиот, новогрчкиот и романскиот јазик од друга страна, создавал несмртни музички дела и преводи. Со нив ги богател културните и цивилизациски силоси на православната икумена и на православниот македонски народ. Калистрат Зографски е можеби најдобриот познавател на византиската невматска лествица создадена од славниот подвижник, композитор и псалт, св. Јован Кукузел (XII век). Калистратовите транскрипции на дел од Кукузеловиот музички опус ќе останат запаметени како ненадминати. Автор е на базичната музичка литература „Восточно црковно пение„ во четири тома, отпечатена на Света Гора Атонска во 1905 год. Автор е на повеќе оригинални композиции. Најпознати се: евхаристискиот канон Отца и Сина и Достојно јест, во повеќе гласови. Како редактор на зографската издавачка дејност и како брилијантен познавател на повеќе класични и живи јазици, Калистрат Зографски, прв, ги преведува и ги печати службите на св.Климент Охридски, св.Наум Охридски и св.Седмочисленици, од старогрчки на црковнословенски јазик запишани во поазнатиот Мосхополски кодекс. Уживал репутација на уникален зографски псалт. Се упокоил во зографската монашка киновија во 1914 година. Поради неговиот смирен, зеркателен и аскетски живот се смета за еден од најомилените духовници на Атонскиот манастир Зограф. Неговите мошти до денес се чуваат во зографската монашка костурница. Неговиот придонес кон музичките и филолошките науки е живо реактуелизиран во современите научни кругови.