Здружението на ликовни критичари (АИКА) односно жири-комисијата во состав: Мира Гаќина, Зоран Петрoвски и Софија Грандаковска, по разгледувањето на повеќе доставени предлози донесе одлука наградата да му ја додели на Тихомир Топузовски, доктор по филозофија, за неговиот предлог проект „Мапирање на субверзивноста“.
Проектот предвидува анализа на ангажираните форми и на феноменот на субверзивност во уметничката практика во Македонија. Целта на проектот е да ја развие основата за иновативен теоретски пристап во конципирање на уметничката критика кој ќе се фокусира на современите уметнички пракси во Македонија.
Тихомир Топузовски (Скопје, 1978.) дипломирал на Филозофскиот Факултет во Скопје и на Академијата на ликовни уметности во Скопје, каде има одбрането и магистерски труд, а докторирал на Универзитетот во Бирмингем, Велика Британија. Досега има објавено поголем број трудови во домашна и странска периодика, учествувал на повеќе семинари и конференции, а со свои дела има настапувано на повеќе на групни и самостојни изложби во земјава и странство. Добитник е на повеќе награди и истражувачки грантови.
Наградата Ладислав Баришиќ е востановена оваа година како одговор на недостатокот од пишана критика и потребата од афирмација на критичко делување во контекст на современата уметност. Таа има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста кај нас.
Истражувањето на Топузовски ќе биде претставено оваа есен, на Симпозиумот на АИКА Македонија и ќе биде објавено на веб порталот на здружението.