Изложба на Жаклина Глигориевска-Кочоска во Њујорк

На 3 јуни 2014 година, во 18:00 часот, во Gallery MC во Њујорк (САД) ќе биде отворена самостојна изложба на Жаклина Глигориевска-Кочоска под наслов „Долго врне во волшебниот свет“.

zaklina_gligorievska1

маја чанкуловскаНа изложбата ќе бидат изложени вкупно 27 дела од најновиот циклус. Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.

„Жаклина Глигориевска-Кочоска, во своите најнови дела од циклусот насловен „Долго врне во волшебниот свет“, останува доследна на своите идејни творечки принципи што се базираат врз константното контемплативно преиспитување на „деградираноста и фрагментираноста“ на животните вредности. Нејзиното хуманистички мотивирано творештво, освен интроспекцијата на сопствените светови, иронично го реинтерпретира и суптилно го критикува безумието на современоста, отуѓеноста и превладувањето на материјалноста наспроти духовноста, „горделивата бесполезност“ и декаденцијата на цивилизациските „достигнувања“ на современиот човек, оној човек што Емил Сјоран го нарекува „совршено безумно суштество“.

Воедно, анализирајќи ги елементите во досегашното творештво на Жаклина Глигориевска-Кочоска и од формално ликовен аспект, заклучуваме дека нејзиниот истражувачки насочен дух неуморно се стреми кон надополнување и надградување на сопствениот карактеристичен ликовен ракопис. Како препознатлива одреденост на нејзиниот визуелен јазик остануваат присутни константните истражувањата на естетските системи во кои доминира афинитетот кон исклучително експресивен и драматичен колорит и пастуозност во апстрактните сликарски решенија, придружени со расчленетост на плановите и композициите и со разиграна ритмичка линеарност.

zaklina_gligorievska2

Во најновиот циклус дела „Долго врне во волшебниот свет“ (сите изработени со комбинирана техника на хартија), основата на сликарскиот јазик е збогатена со користење постапка на колажирање. Оваа постапка, според својата податлива природа на поедноставено издвојување и комбинирање фрагменти од различните стварности, се надоврзува на претходно евидентната „фрагментарна нарација“ во креирањето на комплексната целина на сликата. Затоа хармоничното функционирање на сликарството, цртежот и колажот во најновите дела на Жаклина Глигориевска-Кочоска не се доживува како реакција, туку повеќе како потврда на тврдењата според кои различните контексти на уметноста се достапни за создавање различни уметнички меѓуодноси.

Одделни дела што го формираат овој циклус се создадени врз принципот на автореферентни интервенции врз дел од претходно завршените цртежи, што може да се доживее како „враќање кон себеси и кон примарните цртaчки моменти“, додека ликовниот јазик се надоврзува на споменатите сликарски искуства и естетски принципи. Препознатливите динамични линии се одраз на движењето низ времето и „влез“ од една во друга стварност, повторувачкиот ритам на испрекинатите линии понекогаш евоцира орнаменти“- Маја Чанкуловска-Михајловска, текст од каталогот за изложбата.

 

You May Also Like