Утре вечер (петок, 14 декември 2012 година) во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица во 20:00 часот, ќе се отвори изложбата на Душан Георгиевски.
Тој е автор што е наклонет кон создавање густи експресии кои бликнуваат пред реципиентот како со интензивниот колорит, така и со содржината и со графизмот, а секако и со полнотијата на насликаните елементи, кои наредени еден до друг како монистра се надополнуваат создавајќи една концентрирана композициска оркестрација.
Влијанијата на уличната графити-уметност, со референции во Пикасо, Матис, Леже, уметноста на Абориџините и на примитивните народи, како и одредени сегменти на поп-артизмот (во соодносот боја и плоха) со Баскијат како непосреден линк и неоекспресионизмот, со најдиректни импликации кај германскиот автор Пенк и уште цел грст светски искуства, стекнати на директен и на индиректен начин, во соочување со теоријата и со делата, се базисот врз кој се моделира уметничкиот вокабулар на Георгиевски.
Фигуративниот јазик превладува во доминантните слики на Георгиевски, антропоморфните облици со асоцијативни хумановидни елементи (цела експресивна и делумно апстрахирана фигура или симболично-духовита графика или збиена групна претстава, која се состои од мноштво ликовни елементи, а од каде што изнедруваат човечки ликови, знаковно предадени или, пак, животински претстави итн.) се специфичните карактеристики во творештвото на овој жесток сликар.
Облиците што се надоврзуваат едни на други создаваат една комплексна арабеска, која може да асоцира и на густината, и на метежот во метрополата. Од друга страна, има и дела во кои има и чисто апстрактни групации, во кои постои одредена неструктурирана структурност или архитектоника, а детализираниот начин на спојување и на редење на ситните ликовни амблеми асоцира на систематското редење на витраж или на мозаик.