Зборник трудови за Методија Шаторов-Шарло

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје и Државниот архив на Република Македонија, деновиве издадоа зборник со документи и материјали создадени од Методија Шаторов – Шарло, во избор, предговор и редакција на проф. д-р Зоран Тодоровски.

Зборникот во обем од близу 500 страници опфаќа 105 документи, 45 материјали (реферати, прогласи и статии) и други прилози (фотографии, факсимили, полициско досие…). Најголем број од нив се наоѓа во бугарските архиви, дел во руските и во Македонија. Најголемиот дел од документите првпат се објавуваат.

Зборникот со документи е поделен на четири глави, односно посебни тематски целини: материјали пишувани од Шаторов; писма, односно лична кореспонденција од Шаторов и до него; прогласи, декларации и повици на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, пишувани од Шаторов; и полициски документи од Досието на Шаторов, односно негово следење од бугарската полиција.

Низ презентираните документи и материјали во Зборникот се открива животот и револуционерниот пат на овој македонски комунистички деец, а особено на неговите политичко-програмски погледи и залагања во однос на слободата, државноста и националноста на Македонија и на македонскиот народ. Преку оваа пишана политичка оставина на Методија Шаторов-Шарло, читателите може да се запознаат со нови, досега непознати негови погледи, залагања и дејства во однос на македонските проблеми и потреби за посебна македонска самостојна и независна држава и во кои се расветлуваат нови моменти од неговата политичка и револуционерна активност по македонска национална линија.

You May Also Like