Започнува Фестивалот за современи уметности – АКТО

АКТО – Фестивалот за современи уметности годинава ќе се одржи од 22 до 24 август во Битола.

oficijalen poster_AKTO

Поаѓајки од идејата на Брехт, дека уметноста треба да биде огледало издигнато во лицето на реалноста а не чекан со кој ќе се обликува, годинешното, девето по ред издание на Фестивалот за современи уметности АКТО во Битола ќе се обиде да го преиспита односот на уметноста, или уметноста која се создава во актуелниот, современ момент во релација и како однос на постојани преговори и конфликт со општествените и политички конструкции.

„На годинешното издание на АКТО Фестивалот за современи уметности го претставуваме проектот Мобилна/монтажна галерија на ЦАЦ Скопје, со цел промовирање на нови начини на третирање и продуцирање култура. Стигнавме до точка каде што произведовме нов наш независен простор за културно делување, кој е подвижен и за АКТО за прв пат се носи надвор од Скопје. Тоа за мене лично, но и за АКТО е многу битно затоа што ја означува не само метафоричката, туку и фактичката децентрализирана култура. Темата на АКТО9 е референца на Брехтовата мисла „Уметноста не е огледало на кое се гледа реалноста, туку чекан со кој треба да се обликува“, која за мене лично како еден од авторите на галеријата и уметнички директор на АКТО точно го означува она што сакаме да го постигнеме, односно промоција на уметност и култура кои го обликуваат општеството. Важно е да се продолжи приказната за окупирање на јавен простор и преиспитување на истиот. Многу ме изненади и ме радува тоа што целата идеја околу галеријата почна вистински да се реализира, во смисла на тоа што откако ја поставивме, до донесувањето тука во Битола имаше навистина голем број настани во Скопје кои на почетокот не ни помислувавме дека ќе ги има и затоа сега ја донесовме тука, заради децентрализација и вклучување на локалната заедница во создавањето култура – тоа е тој чекан за обликување на општеството“ – вели Филип Јовановски уметнички директор на АКТО.

„Од почетоците на АКТО Фестивалот, алтернативните локации се дел од имиџот на фестивалот, дел кој вистински сакаме да го задржиме и да го надградиме со нови и нови локации“ – вели Никола Димитровски, задолжен за ОФФ програмата.„Така, оваа година ќе додадеме во низата уште една напуштена фабрика, Битолатекс, кајшто ја сместивме ОФФ програмата за сабота, 23.08. односно аудиовизуелниот сет на Кишобран (Србија) – колектив со своја резиденција на main stage-от на ЕГЗИТ во последните 4 години, како и диџеј сетот на нашиот голем пријател и поддржувач на фестивалот Мирко Попов, на Игор Зотик и Кристијан Петровски.Важен дел од годинешното издание и офф програмата е партнерството со мезе бар „Јагода“, кој како и лани е официјалното кафе на АКТО9 и со кој во недела на 23.08. заеднички го организираме целодневниот музички настан пред мобилната галерија, на кој ќе настапат 8 диџеи“ – вели Димитровски.

Програмата на АКТО може да ја видите тука.

You May Also Like