Прашањата кои се однесуваат на суштината на музиката, нејзиниот творец, вреднувањето, минатото и иднината на музиката, се одговорени преку електронски колаж од над 170 фрагменти од музичкиот опус на Бужаровски и антологиски дела од светската музичка ризница.
Најновото дело на Димитрије Бужаровски – Естетичкиот перформанс „Музички прашања“, ја доживеа својата премиера на отворањето на интернационалната манифестација Балкански Арт Форум (БАРТФ) во Ниш, Србија на 10 октомври.
Ова теориско-музичко дело е уникатен обид да се поврзат музичката теорија и пракса во единствен настан, односно како што вели и авторот во насловот, „таму каде што се среќаваат теоријата и праксата“.
Прашањата кои се однесуваат на суштината на музиката, нејзиниот творец, вреднувањето, минатото и иднината на музиката, се одговорени преку електронски колаж од над 170 фрагменти од музичкиот опус на Бужаровски и антологиски дела од светската музичка ризница (како на пр., Црвената книга од Монсератскиот манастир, Осмата симфонија на Брукнер, Шестата симфонија „Патетична“ од Чајковски, Попладнето на еден фаун од Дебиси, Посветување на пролетта од Стравински, Планетите од Холст, Пеењето на момчињата од Штокхаузен, Недетермираност од Кејџ итн.). Прашањата ги изговара компјутеризиран глас кој е испреплетен со музички одговори, при што дигиталното процесирање и користење на електронска музика ја обезбедува целината на ова дело. Делото користи и визуелна анимација најнапред на основниот текст на прашањата, а при крајот и од 4 видео фрагменти.
Отворањето на оваа значајна меѓународна манифестација во организација на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш, се одржа во Големата сала на Универзитетот, дел од најрепрезентативната историска градба во Ниш. На отворање покрај Бужаровски, учествуваа филозофите Сретен Петровиќ и Драган Жуниќ, музикологот Соња Маринковиќ и пијанистот Александар Сердар.