Детски литературен фестивал „Ракатки“ во Прилеп

В сабота (20 април), во 18:00 часот во Градската библиотека „Борка Талески“ по деветти пат, а за прв пат во Прилеп, ќе се одржи Детскиот литературен фестивал „Ракатки“.

Ќе настапат над 30 млади литерати од повеќе градови од државава. Поетските и прозните творби, со кои ќе се претстават учесниците, беа претходно избрани за најдобри на традиционланиот конкурс кој го распишува Фестивалскиот одбор. Претседател на одборот е македонската поетеса и писателка Славка Арсова.

Учесниците на фестивалот и нивните ментори, после настапот в сабота, в недела ќе имаат прошетка, дружба со прилепските писатели и запознавање со дел од знаменитостите на Прилеп.

– Среќен сум  поради тоа што прв пат фестивалот не се одржува во Скопје, и дека прв град кој е домаќин е нашиот Прилеп. Организацијата е тешка, проблематична и напорна, но овој фестивал мора да постои заради радоста на децата и задоволството на нивните ментори и родители – вели Филип Димкоски, член на фестивалскиот одбор и организатор на годинешниот фестивал.

Традиционално, секоја година се печати алманах со творбите кои учествуваат на фестивалот.

Сите заинтересирани се поканети на фестивалот в недела, каде покрај детска литература ќе има и музички точки од прилепските ученици. Добредојдени се сите, љубители на литературата, а влезот е слободен.

You May Also Like