На 27 септември, во сабота, под диригентската палка на македонскиот музички гениј Џијан Емин, Дерик Меј ќе настапи, овој пат, со Фламанскиот симфониски оркестар во црквата Света Ана во Гент, Белгија.
Mакедонската екипа заминува во состав: продуцентот Огнен Узуновски, тон мајсторот Бојан Угриновски, Маријана Николовска на челеста и Кристијан Каровски на пијано. Концертот ќе биде изведен во рамките на фестивалот „ОдеГанд“, кој се одржува по 12-ти пат.
По тој повод продуцентот Узуновски вели:
„Поканата за гостување во Гент за мене беше пријатно изненадување од повеќе причини. „ОдеГанд“ е фестивал кој преставува различни жанрови на музика од џез до техно и различни конбинации на истите. Минатата година настапи Јеф Милс со неговиот проект „Блу Потеншл“ кој за првпат се организираше 2006-та во Монтпелие, Франција. Наедно тојконцерт беше и мојата првична инспирација за организирање ваков тип настани. Особено ми е драго што ќе настапиме со нашиот проект на истото место. Св. Ана е катедралата, каде ќе настапат Дерик Меј и Фламанскиот симфониски оркестар под диригентство на Емин Џијан. Посебно задоволство ми претставува дека специјален гостин на овој концертќе биде светски реномираниот пианист Франческо Тристано, кој има настапувано заедно со Карл Крег и Лес СиенклесОркестра исто така Франција. Очекувам уште едно незаборавно и неповторливо доживување“.
Џијан, пак, не очекувал толку брзо по концертот во Охрид да имаат прилика да настапуваат со друг оркестар. Пријатно е изненаден од поканата што ја добиле од фестивалот.
„Концертот во Белгија во однос на програмата нема многу да се разликува од концертот во Охрид летово. Има мали промени во оркестрацијата, кои само ќе го збогатат веќе формираниот звук, кој го слушнавме во Охрид. Комуникацијата со луѓето од фестивалот и Фламанскиот симфониски оркестар се одвива досега беспрекорно. Поради комплексноста на целиот проект сите поголеми технички задачи се однапред решени со цел да ни остане време максимално да се посветиме на уметничкиот дел. Со оркестарот ќе имаме три проби од кои две ќе бидат во Бруж и една во катедралата Св. Ана во Гент, каде што и ќе се одржи концертот“ вели Џијан.
Организаторите ветуваат одлична програма од фламенко и џез, до класична и музика на светот, во изведба на национални и интернационални извонредни таленти. Атрактивните изведби замислено е да се изведуват на различни оригинални локации во градот Гент. На овој фестивал досега имаат настапувано врвни светски оркестри како што се Берлинската филхармонија, Концертгебау симфонискиот оркестар од Амстердам и солисти од калибарот на Јо Јо Ма, Ангела Георгиу… Светлото и видео дизајнот ќе го работи светската реномирана компанија ARFYES, која досега има работено на разновидни настани со имиња како Жан Мишел Жар, Карл Лагерфелд, …има работено на визуелизација на свадбениот чин на принцот од Монако. Оркестарот со кого ќе диригира нашиот Џијан има традиција повеќе од 50 години. Шеф диригент е извонредниот Jan Latham – Koenig, кој има диригирано со многу светски оркестри како Токио Метрополитан Оркестра, со филхармонијата на Лос Анѓелес, филхармонискиот оркестар на радио Франција, а диригирал во Ковент Гарден, во Националната опера во Прага и работи како музички директор на Новата Опера во Москва.