„Горе на ридот при помрачување на сонцето“ од Ѓерѓ Конрад – нов роман во едицијата современ “роман / своерачно” на Блесок …
Културната установа Блесок од Скопје, во рамките на престижната едиција с.р. (современ роман / своерачно) во печатен и електронски формат го објави романот „Горе на ридот при помрачување на сонцето“ од Ѓерѓ Конрад, во превод од унгарски на Анамарија Цинеге-Панзова и Златко Панзов.
По Заминување и враќање (Блесок, 2013), првиот дел на автобиографскиот роман на Конрад, Горе на ридот при помрачување на сонцето содржи слики, приказни, настани од животот на еден интелектуалец од Средна Европа, од прерано созреано момче, преку ученик кој бега од часови за да може да чита и студент во револуционерните денови, па сè до стариот писател; тука се неговите размисли, расудувања за животот и сите негови пресврти, за љубовта и семејството, за сопствените писателски интереси, за пишувањето во илегала, за времето на транзицијата, па до статусот на признаен писател и мислител, претседател на меѓународниот ПЕН и паралелно со тоа, со стареењето, постепеното повлекување, во двојниот дом на Балатон и ридовите на Будим, каде што човек може да го сумира направеното, да црпи енергија за она што уште го чека, бидејќи животот има смисла сè додека го живееме…
Книгата е објавена со поддршка на Програмата за култура на ЕУ.