Во најава уште едно романтично доживување за денот на вљубените 14-ти февруари, кога во салонот на Македонската Опера и Балет по втор пат ќе се одржи ексклузивен анплагд концерт насловен како„Влатко Илиевски и пријателите, ден на љубов и вино“. Гала концертот кој има тенденција да прерасне во традиција оваа година ќе изгледа како претстава, а Влатко и пријателите ќе бидат придружувани од голем симфониски оркестар кој ќе го сочинуваат врвни македонски музичари.
– И оваа година на најубавиот ден од годината, денот на љубовта и виното, заедно со моите пријатели, на публиката ќе и подариме двочасовно уживање, концерт кој ќе разбуди многу емоции, со сензибилитет кој ќе го разнежни секој од нас. Самиот ден ја носи пораката дека љубовта е таа врз која се потпира целото човештво и токму затоа на сцената на Македонската Опера и Балет со изведба на најголемите светски љубовни хитови и најдобрите македонски евергрини, со чашка добро вино, ќе ја славиме токму неа – љубовта – вели Влатко.
Минатогодишниот анплагд концерт кој се оржа во преполната Универзална Сала беше прв од ваков вид изведен од македонски артист. Директен пренос од концертот одеше на А1 ТВ и истиот имаше огромна гледаност. Гости кои заедно со Влатко ги изведоа најубавите љубовни балади беа Слаткаристика, Миле Кузмановски, Александар Белов, Ламбе Алабаковски, Морал, Трифун Костовски и други.
– Пријателите кои оваа година ќе настапат заедно со Влатко на концертот се негови колеги од македонската, но и од балканската музичка сцена. Нивните имиња нема да ги откриеме сега, само ќе најавиме дека станува збор за врвни музичари и артисти кои со задоволство ги слуша и помладата и повозрасната публика- изјавуваат организаторите План Б Продукција.
Билетите за овој концерт за уживање, кои би биле совршен подарок за некого, се во ограничен број, а истите ќе бидат пуштени во продажба од среда (18-ти јануари) во Југотон, цвеќарница Розе Веро 2 и Камарад Рамстор. Сите информации поврзани со концертот на 14-ти февруари можете да ги најдете на веб – страниците www.planbproduction.com.mk иwww.vlatkoilievski.mk кои до самиот настан ќе бидат секојдневно ажурирани.