Весникот „Илинден“ на истоименото Македонско друштво со седиште во Тирана одбележа три години од излегувањето од печат на првиот двоброј март-април.
Како што стои во соопштението на редакцијата на весникот „Илинден“, во тригодишниот период весникот прерасна во медиум кој со сериозноста и пристапот во објавувањето на темите е интересен и корисен за македонското национално малцинство во Република Албанија, а предизвика голем интерес и кај читателската публика на македонската дијаспора ширум светот.
– Редакцијата на македонскиот весник „Илинден” на најдобар можен начин одбра да ја промовира македонштината во овие бурни времиња, преку пишаниот збор. Нивната мисија да го одржуваат и поттикнуваат македонскиот идентитет во Република Албанија, преку културен израз целосно ја остваруваат. Сакаме да веруваме дека ваквата активност ќе биде соодветно поддржана од државните институции во Република Албанија, така и во Република Македонија, но и од Македонците ширум светот, стои во соопштението од преседателот на Македонско друштво „Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај.
Редакцијата, по овој повод, им се заблагодарува на сите соработници, кои несебично помогнаа во конципирање на тематската и визуелната содржина на весникот. Воедно, редакцијата се заблагодарува и на читателската публика, која со покажаниот интерес кон содржините што ги понуди весникот, покажа дека тој навистина ја допре сржта на македонските проблем во Република Албанија.